Општина Центар распиша јавен повика за доделување локации за поставување подвижни објекти и апарати


Општина Центар воведува ред во уредувањето, начинот и условите за поставување подвижни објекти на своја територија. Во јавниот повик кој е во тек, предвидени се вкупно 14 атрактивни локации за нивно поставување. Објектите што ќе се поставуваат можат да бидат на сопствен погон или можат да бидат направи што немаат сопствен погон на движење, односно претставуваат специјализирани возила за улична продажба, со должина до четири метри и висина до три метри. Ќе бидат наменети за давање  угостителски услуги: продажба на безалкохолни пијалаци, сладолед, палачинки, пуканки и др. 

Максималната зафатна површина на подвижниот објект треба да биде 16 квадратни метри, во што влегува: подвижниот објект, подвижниот апарат или друга направа, манипулативниот простор, урбаната опрема во функција на користењето на локацијата – канта за отпадоци. Подвижните објекти, подвижните апарати и други направи треба да имаат дизајн и изглед што не го нарушува амбиентот на околината каде што се поставени. Барателите треба да имат регистрирано дејност во Централниот регистар на РСМ и се должни меѓу другото да поднесат потврда за исполнети технички услови за вршење на дејноста, опис и фотографија на подвижниот објект што ќе го користат и уплатница од 1.000.00 денари на сметка на Општина Центар.

За поднесените барања за користење на локациите важи принципот „прв дојден – прв услужен“. Јавниот повик е објавен на 14.02.2024, а рокот за поднесување на пријавите е 30 дена од денот на објавување на интернет страницата на Општина Центар.

Барањата се поднесуваат преку Архива, до Сектор за урбанизам, со назнака – ЈАВЕН ПОВИК (за утврдување на начинот, условите и постапката за доделување на локации за поставување на подвижни објекти, подвижни апарати и други подвижни направи на подрачјето на Општина Центар – Скопје).

Пред добивање на одобрение за поставување на објектите, а по известување дека е избран, субјектот е должен да склучи договор со ЈП Паркинзи на Општина Центар-Скопје и да достави Решение за регистрација на мобилен објект издадено од Агенција за храна и ветеринарство, во рок од десет дена од денот на добивање на известувањето.

Доколку бидат избрани на повикот, корисниците ќе треба да уплатат комунална такса за користење јавна површина кон Општина Центар  и да ги покријат трошоците за одржување на јавната површина кон ПОЦ.

Детално за повикот, условите и формуларите за пријавување проследете на следниот линк https://www.centar.gov.mk/?p=19933