Општина Центар отстрани четири помошни објекти од под Железничкиот мост

Општина Центар ги отстрани објектите кои се наоѓаа на просторот веднаш под Железничкиот мост, кој ги поврзува општините Центар и Аеродром.

Како што информираат од општината, Секторот за инспекциски работи на Општина Центар изминатата недела изврши отстранување на четири помошни објекти во населбата Маџир Маало, односно на булеварот „Гоце Делчев“.

-Овој запуштен простор, населен од бездомни семејства и полн со диви депонии, беше извор на загадување и зарази и претставуваше голем проблем на жителите од околните места и на минувачите. Со целосно почитување на постапката и законските одредби, откако инвеститорите по издаденото решение за самостојно отстранување не ги отстранија објектите, Секторот за инспекциски работи со помош на механизација пристапи кон присилно отстранување. По отстранувањето на објектите, општината го исчисти просторот и дополнително истиот ќе биде уреден, се наведува во општинското соопштение.

Од Општина Центар најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со активностите со нелегално изградените објекти и апелираат граѓаните да не градат каде што тоа не е предвидено, да ги почитуваат законите и да се придржуваат до постоечките правилници за градба.