Општина Центар ја става во функција алатката „Мој буџет“


Општина Центар ја става во функција алатката „Мој буџет“ на веб страната на општината преку која граѓаните ќе можат да направат преглед на приходите и расходите во Нацрт-буџетот на Општина Центар за 2024 година и партиципативно да учествуваат во креирање на буџетот за наредната година.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, информира  дека покрај Буџетските форуми на кои граѓаните предлагаат проекти, општината ја става во функција и оваа алатка со цел да го  види мислењето на граѓаните за издвоените средства за одделните ставки како заштита на животна средина, образование, социјална заштита и др.

-За да ја користат алатката „Мој Буџет“ граѓаните можат да одберат некоја од понудените ставки и со едноставно скролање да го изменат буџетот според сопствено видување, а потоа од десната страна со скролање надоле неопходно е да се регистрираат со цел да ги поднесат измените. Секоја измена на буџетските средства може да се движат исклучиво во рамките на Нацрт-буџетот и истиот мора да е балансиран пред  да се предаде како предлог. Сметам дека преку оваа алатка граѓаните ќе ја споделат со нас нивната визија за општинските приоритети, смета Герасимовски.

Алатката „Мој буџет“ граѓаните можат да ја најдат на сајтот на Општина Центар или преку следниот линк https://mojbudzet.centar.gov.mk/mojbudzet/.

Воедно потенцираат дека со цел отчетност и транспарентност Општина Центар ги вклучува граѓаните во креирањето на буџетот на неколку начини меѓу кој и ставањето во функција на оваа алатка.

Во понеделник на 18 декември 2023  година Општината ги кани сите граѓани да дојдат на Втората сесија од Буџетските форуми за буџетот во 2024 година во ООУ „Киро Глигоров“ од 18 часот. Целта е да се продискутира за предлози и проектите кои ќе го унапредат животот во Центар.