Општина Битола, сепак, ќе наплаќа фирмарина за 2020


(Фото: А: Блажевска)

Дуќанџиите се незадоволни, но општината вели дека решенијата за фирмарина биле изготвени уште пред да почне ковид кризата

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Иако најави, Општина Битола сепак нема да се откаже од наплатата на фирмарина за 2020 година. Градоначалничката Наташа Петровска лани во април јавно објави дека како прв човек на градот ќе предложи ослободување од фирмарина на сите занаетчии и трговци поединци на годишно ниво. Веста одекна позитивно меѓу фелата. Согласно Законот за комунални такси, висината на фирмарината ја определува Советот на Општина Битола, па како што велат сега од општината, решенијата за фирмарина биле донесени пред почетокот на кризата со Ковид-19. Што значи дека градоначалничката ветила нешто иако претходно веќе биле донесени решенија.

Според информации од општината, лани на ниво на Општина Битола имало 4.991 фирма задолжени за плаќање фирмарина, а во 2021 година 4.985. Тоа значи дека има само за шест фирми помалку што е добар знак во време на голема економска криза поврзана со пандемијата

„Пу, пу, не важи“ – вака битолски сопственици на фирми и занаетчиски дуќани сега ја оценуваат ситуацијата со Општина Битола во врска со наплата на фирмарина. Дуќанџиите веќе имаат најава дека долгот за фирмарина за 2020 година им се смета за неплатен и мора да си го платат. За секоја фирма без оглед на обемот и остварениот промет фирмарината изнесува 5.000 денари плус 2.000 денари за секоја подружница.

„Градоначалничката Петровска пред точно една година, во април, јавно преку медиуми најави дека ќе предложи да не ја плаќаме фирмарината. Веста одекна позитивно меѓу нас и нѐ израдува во тие моменти, ама како поминуваа месеците оваа тема не се отвори повеќе во јавноста, за сега стигаат информации до нас дека фирмарината за 2020 година стои како долг и ќе мора да ја платиме. Ако општината сака може да нѐ блокира сите за тоа што не сме ја подмириле обврската“, вели сопственик на фирма од Битола, кој сакаше да остане анонимен.

Од Општина Битола на прашањето на „Независен“ велат дека „во делот на фирмарината, решенијата за фирмарина согласно закон, беа донесени во 2020 година пред почетокот на кризата со Ковид-19“.

И токму така, решенијата за фирмарина се изготвуваат до 31 март, а после тоа следува достава до фирмите. Но она што требало локалната власт да го направи е да го поттикне Советот на Општина Битола да донесе одлука да се ослободат од плаќање фирмарина занаетчиите и трговците поединци за кризната 2020 година, како што вети Петровска, велат засегнатите.

Сега од Општина Битола објаснуваат: „Поаѓајќи од последиците на ковид кризата со кои сите се соочуваме, градоначалничката Петровска уште на почетокот на кризата пристапи кон изнаоѓање решенија со цел последиците да бидат колку е можно побезболни, a со цел полесно справување на сите засегнати страни“.

Ваквиот одговор од Општина Битола не ги радува дуќанџиите, занаетчиите и сопствениците на фирми, особено што лани имаа исклучителна тешка финансиска состојба за која и не треба многу да се објаснуваат.

„Поради кризата сите едноставно останавме без работа, без промет. Луѓето единствено пазаруваа по маркети и аптеки, сѐ друго остана затворено. На никој не му беше до тоа да се дотерува, да купува по бутици, златари, по занаетчиски дуќани. Кризата нѐ погоди сите, со месеци останавме затворени, вработените ги отпуштивме од работа. Сега уште еден ладен туш, имаме долг за фирмарина“, се жали занаетчија од Битола.

Од општината велат дека лани на 24 април до Владата била испратена иницијатива во насока за поддршка на стопанските субјекти погодени од здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот, конкретно и за угостителските објекти кои што се затворени со мерките на Владата да извршат ослободување од плаќање на комунална такса за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност за март, април и мај 2020 година и за користење на музика во јавните локали за 2020 година.

Веднаш по донесувањето на таквата уредба од страна на Владата, Советот на Општина Битола донесе измени на одлуката за утврдување на комуналните такси во Општина Битола. Со донесените измени, деловните субјекти на подрачјето на Општина Битола беа целосно ослободени од плаќање на комунални такси за поставување на урбана опрема пред деловните простории за времетраењето на вонредната состојба, а за периодот од престанокот на вонредната состојба па сѐ до 15 ноември 2020 година износот на комуналната такса за поставување на урбана опрема пред деловните простории беше намален од 15 денари за метар квадратен на 5 денари за метар квадратен. Тоа претставуваше намалување на комуналната такса од 67 отсто.

„Со таквата одлука, деловните субјекти на подрачјето на Општина Битола до 15 ноември 2020 година плаќаа само една третина од износот на комуналната такса кој претходно го плаќале за поставување на урбана опрема пред нивните деловни простории. Општина Битола во услови на вонредна состојба, согласно законските можности обезбеди финансиска поддршка за деловните субјекти на подрачјето на Општина Битола во вкупен износ од 3,5 милиони денари, од кој износ Општина Битола се откажа како свој приход“, стои во информација од општината.