Општина Битола остана без ингеренции и во втората градинка во Битола – „Мајски цвет“

Градинаката „Мајски цвет“ располага со 7 објекти за згрижување на деца од претшколска возраст


 

БИТОЛА – По три основи Министерството за труд и социјална политика им ги одзеде надлежностите на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и на Советот на Општина Битола за втората по големина градинка во Битола „Мајски цвет“, која располага со 7 објекти за згрижување на деца од претшколска возраст.

Ова се случува по само три недели откако Министерството ѝ одзеде ингеренции на Општина Битола за градинките „Естреја Овадија – Мара“.

Во денешното решение на МТСП стои дека ингеренциите се одземаат во делот на донесување на Годишна програма за работа 2021-2022 година и Годишниот извештај за работа за 2021-2022, како и донесување на Решението за разрешување и именување на претставник на установата за член во Управниот одбор на детската градинка „Мајски цвет“.

„Вршењето на одземените работи на Советот на Општина Битола и на градоначалникот на Општина Битола во јавната општинска установа за деца ‘Мајски цвет’ – Битола го презема Министерството во траење од една година“, стои во решението.

„Нашата установа доби Четвртоноемвриска награда за раководењето, а сега е жртва на дневно-политичките случувања“, вели директорката на градинките „Мајски цвет“, Снежана Тодоровска, кадар на ЛДП:   

„Како директор и како наставник апелирам да се тргнат рацете од дневната политика од градинките и од училиштата, од таа дневна политика најголемиот товар го носат децата и учениците“, ни кажа денеска Тодоровска.  

Од Општина Битола до овој момент немаат допис од Министерството за одземените ингеренции.

Во март годинава Министерството за труд и социјална политика ги одзеде надлежностите на Општина Битола, на градоначалникот Тони Коњановски и Советот на  општина Битола за управување со установата „Естреја Овадија – Мара“, која во својот состав има 9 градинки. Причината за ваквиот потег на Министерството е неизгласувањето на седница на Советот на членот на Управен одбор од редот на вработените. По одземените ингеренции именувањето на членот на УО од редот на вработените наместо да се гласа на седница на Советот, сега ќе се гласа на седница на Владата, со тоа што УО ќе биде во полн состав од 7 члена.

По одземените ингеренции во првата градинка градоначалникот Коњановски излезе на прес и обвини дека владата прави опструкции врз локалната самоуправа во Битола.

Коњановски рече дека со таа одлука им се нанела „индиректна штета на нашите најмлади, нашите најмили – децата од предучилишна возраст“. (А.Б.)