Општина Битола од Владата доби повеќе од 3,7 милиони евра за комунални проекти


Фото: Б. Богдановска

Општина Битола, доби владина поддршка од 230 милиони денари или повеќе од 3,7 милиони евра за 16 проекти аплицирани на јавниот повик за финансирање на инфраструктурни проекти.

За подобрување на инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на општината, како и за изградба и реконструкција на објекти од високоградба, локалната самоуправа обезбеди и буџетски средства со што бројот на проекти за реализација ќе биде зголемен, информираа од Општина Битола.

Средствата ќе бидат искористени за реконструкција на улично осветлување, коловози низ градот и населените места Буково, Троново, Магарево, Поешево и Логовоарди, реконструкција на водоводни линии, но и изградба на нова енергетски ефикасна фасада на ООУ „Стив Наумов“, како и паркинзи кај местата викани „Овчи Пазар“ и „Ат Пазар“.

Со владина поддршка и средства од општинскиот буџет ќе биде санирана јужната трибина од фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“ и изградба на десет нови спортски игралишта налик на игралиштето во основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола.