Општина Битола од денеска има ГИС систем


Општина Битола денеска го пушти во употреба ГИС системот, а во напредна фаза е и проектот за дигитализација на општината, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Со ставање во функција на ГИС системот, општината ќе го замени хартиеното водење на документација со електронско, а за многу скоро, општината ќе ја активира и услугата за електронска наплата на данок на имот, посочи Коњановски.

– Како локална самоуправа, уште со доаѓањето, јасно и недвосмислено го истакнавме нашиот стремеж кон дигитализирање на општинските услуги, поедноставување на постапките и поголема достапност и транспарентност. Ова произлегува, како од надлежностите на Општината, така и од Стратегијата за локален економски развој која ја изготвивме, а истовремено е во согласност со програмата за активностите на Општина Битола во областа на развојот на информатичко-комуникациската технологија во институцијата. Пренесувањето на административниот процес во електронска форма овозможува подобрување на ефикасноста и брзината на работа во општината. Електронските бази на податоци на кои се работеше во изминатиот период, ќе помогнат во полесно проследување на документите, како и во поефикасна комуникација помеѓу администрацијата и граѓаните, истакна Коњановски.

На прес конференцијата во локалната самоуправа беше посочено дека ГИС системот е достапен за граѓаните, системот за електронски постапки е во фаза на тестирање пред финалното ставање во употреба, а се работи и на систем кој ќе создаде можност за електронска наплата на данокот на имот, услуга за која граѓаните со години реагираат, поради неможноста да ја регулираат обврската електронски.

– Системот за електронски постапки кога ќе биде ставен во функција ќе овозможи електронско водење на постапките кои се во надлежност на општината, а со тоа ќе ја зголеми ефективноста и ефикасноста на институцијата. ГИС платформата за управување со урбанистичко-планска документација и други просторни инфраструктурни податоци ќе ја унапреди ефикасноста и точноста во работата на општината и комуналните претпријатија кои се во нејзина надлежност, ќе ја зајакне комуникацијата со другите претпријатија, бизнис заедницата и граѓаните, а ќе овозможи и исполнување на законските обврски. Дополнителна корист од воспоставувањето на ГИС системот е неговото несомнено влијание врз зголемување на електронската размена на податоци меѓу вработените во општинската администрација, нагласи Коњановски.

ГИС порталот постојано ќе се надградува, а во моментот овозможува сателитска снимка на град Битола, просторни планови од АКН на градот Битола, кои содржат катастарски парцели и евидентирани објекти, важечки ГУП за Општина Битола од 1999 година и блоковска поделеност на градот, усвоена планска документација, подлога за Старото градско јадро со контактните зони на град Битола и можност за брзо-електронско издавање на Извод од Урбанистички план или Уверение за градежен реон.