Општина Битола направила грешка за комуналиите, откажана инвестиција од 3,5 милиони евра
Болницата „Плодност“ добила решение за комуналии од само 6.000 евра. Општината ја увидела грешката, затоа што сумата требала да биде 120.000 евра, но оттогаш инвестицијата на болницата заглави во правни лавиринти
Анета Блажевска
БИТОЛА – Заради првична грешка на општинската администрација во Битола во пресметка за комуналии, откажана е инвестиција од 3,5 милиони евра на приватната болница „Плодност“ – Битола. Случајот доби јавност откако инвеститорот обвини за кочење на инвестицијата, а пак општината обвини за дивоградба. Сега, инвеститорот реши да не ја реализира градбата и покрај подигнатиот кредит, наместо болница ќе гради паркинг. Предметот е во управна постапка. Инвестицијата требаше да отвори нови оддели во болницата и шеесеттина нови работни места.
Случајот се влече со месеци, од септември лани кога е поднесено барање за одобрение за доградба на болницата „Плодност“. Проблемот настанал по првичната пресметка за уредување на градежно земјиште, па службеничка во општина Битола пресметала дека треба да се платат комуналии од околу 6 и пол илјади евра, по што инвеститорот ги платил. Но, по период од речиси два месеци, општината ја увидела грешка во пресметката, па го известила инвеститорот дека треба да доплати уште 112 илјади евра, или крајна сума од околу 120 илјади евра за комуналии.
„Во овој момент завршувам со оваа голгота, оставам на јавноста нека процени. Просторот ќе биде паркинг. Јас вчера го вратив барањето за овој предмет и не сакам повеќе да си имам работа со општината. Доколку во иднина некој умее да го процени овој мој труд како што треба, можеби ќе се согласам, но во овој момент убиена ми е и желбата и мотивот за градење, амбициите. Дефинитивно не градам“, рече д-р Таше Трпчевски, сопственик на приватната болница „Плодност“ Битола, најавувајќи дека ако спорот со општината добие друг тек ќе поднесе кривични пријави по неколку основи. Земениот кредит вели дека ќе го врати, со тоа што дел од средствата ќе искористи за обнова на медицинските апарати во постојната болница.
Грешката во пресметката според инвеститорот Трпчевски најверојатно е направена поради тоа што се пресметувала по коефициент како за терцијарно здравство, а болницата „Плодност“ е секундарна здравствена заштита.
„Да ви кажам искрено ми годеше таа првична пресметана сума и си направив поинаква финансиска конструкција, ме затекнаа со нова пресметка, но си реков кредитот има рамка до 3,5 милиони евра и 100 илјади евра повеќе или помалку нема да ми значат ништо“, рече д-р Трпчевски. Чекајќи го одобрението за градба Трпчевски решил да ги отпочне подготовките за градба, како што вели ископи и тампонирање заради стабилизација на тернот.

Инаку на решението со првичната пресметка покрај потписот на службеничката која ја изготвила пресметката и нејзината претпоставена од секторот, стои потпис и од градоначалничката Наташа Петровска.
„Пресметката беше потпишана и ние ја плативме така како што беше издадена, Во која правна држава странките одговараат за грешките на институциите? Зошто за последиците како што појаснува градоначалничката врз Буџетот на општина Битола предизвикани од документ кој таа лично го потпишала не може да се бара одговорност само кај службените лица, туку и кај себе, а јас најмалку како странска сум виновен“, предочува д-р Трпчевски.
Градоначалничката Наташа Петровска за случајот „Плодност“ уште мината недела потврди дека е извршена првична погрешна пресметка на комуналии од страна на службено лице заради што е спроведена процедура на проценка на одговорност со внатрешна контрола и ревизија на постапката. По извршениот увид на терен општината констатирала дека инвеститорите отпочнале со градење, што значи објектот е дивоградба.
Во денешното соопштение од Општина Битола велат дека издавањето на одобрение за градење, после утврдена неправилност, би било кривично дело.
„Од страна на Општина Битола, експедитивно брзо и во рамките на законските рокови е водена целата постапка сѐ до воочувањето на неправилноста, по што се преземени сите законски мерки и согласно истите е постапено. Од страна на инвеститорот не се испочитувани законските одредби од законот за градење. Напротив, инвеститорот изминатиот викенд работел на градежни активности-отстранување на бесправната градба. Истото е констатирано на терен при извршениот вонреден инспекциски надзор.
Случајот со ПЗУ ‘Плодност’ за Општина Битола е јасен и со него општината нема понатаму да ја оптоварува јавноста, затоа што во државата постојат соодветни институции на процесирање. Законот е јасен, а пред него сме еднакви сите. Инвеститорот е добро запознат со постапките кои произлегуваат од законот, кои требаше да претходат, како и оние кои треба да следуваат“, стои во соопштението од општина Битола.
Во соопштението нема одговор на обвинувањата на инвеститорот дали градоначалничката чувствува одговорност за случајот и нереализираната инвестиција од неколку милиони евра.