Општина Битола лани исплати 18 илјади евра на битолчани каснати од кучиња скитници

Секоја недела по еден битолчанец ја тужи општината затоа што бил нападнат и каснат од бездомни кучиња


Кучињата скитници се речиси на секој чекор во Битола

 

БИТОЛА – Само за ланската година Општина Битола платила над 18 илјади евра оштета на битолчани каснати од бездомни кучиња. Во просек, секоја недела барем еден битолчанец ја тужи општината по овој основ.

Битола со децении назад никако да најде решение за кучињата скитници. Како одминуваат годините, локалните власти без оглед на политичката опција, доаѓаат ветуваат, си заминуваат и не исполнуваат околу прашањето за отворање на стационар и згрижување на уличните кучиња.

Секојдневна е сликата низ градските улици, кучиња глутници да ве следат на најфреквентните места и локации. Едноставно не можете да поминете од исполегнати кучиња на Широк Сокак, или од кучиња кои се напаѓаат едни со други. Така е и низ градските пазари, лаат по пазарџиите, лаат по автомобилите во движење. Граѓаните се жалат дека не можат да  фрлат ѓубре во контејнерите без да се соочат со нив.

Решението за нив не се најде.

„Дерман се нема од кучињата скитници и мене ме имаат нападнато со моето куче, тешко е да поминеш низ Широк Сокак со куче домашно милениче. Дали да го заштитиш него или да мислиш на своите нозе. Немам верба дека овој проблем ќе се среди“, вели еден битолчанец.

Од 2005 година заловени кучиња скитници се носат во кафези сместени во кругот на Битолската зоолошка градина, од „Комуналец“ имаше информација дека ќе се заловуваат по 20 кучиња месечно. За нив се грижи Шинтерска служба на „Комуналец“ , но и тоа не го реши проблемот на битолчани. Напротив, во последните години тој проблем е сѐ поизразен.

„Пред речиси 17 години со одлука на Советот, кучињата се носат кај нас во Зоолошката, ние немаме увид како се постапува со тие кучиња, кафезите се заградени со градежна завеса, но за нас се проблем. Граѓаните кои не се запознати со ситуацијата кажуваат дека ние со кучиња сме ги ранеле лавовите и тигрите. Тврдам дека не е така. Дополнителен проблем се кучињата скитници кои влегуваат во дворот на Зоолошката. Ова и за нас е голем проблем кој се провлекува долго време и мора да се реши“, вели Марјан Наловски, директор на Зоолошката градина во Битола, во изјава за „Независен“.

Општина Битола потврдува дека неколку години се соочува со голем проблем во однос на бездомните животни, а посебно сериозна е состојбата со уличните кучиња.

„Само во 2021 година, по однос на тужби од лица кои биле каснати од кучиња, општината платила отштета од 1.129.000 денари. Во моментот во постапка се десетина предмети. Во просек, неделно пристигнува по една тужба во општината по овој основ. Овие податоци говорат дека новата локална самоуправа затекна состојба во која не е обезбедена соодветна заштита ниту на граѓаните, ниту на животните, а дополнително постојано ударот е и врз општинскиот буџет“, велат од Општина Битола за „Независен“.

Новата локална власт тврди дека се зафатила со решавање на проблемот. 

Така на крајот на минатата година при донесувањето на програмите за работа во 2022 година, во Програмата за економски развој, предвидени се финансиски средства за изработка на основен проект за изградба на стационар за бездомни животни. Но од општината наведуваат дека проблемот не се решава брзо, па бараат времено решение со кое ќе бидат исполнети потребните услови за надминување на моменталната состојба.

„Веднаш ќе почнеме да работиме барајќи некаков преоден модел. Понатаму системски преку стационар ќе ги згрижуваме бездомните животни. Тоа мора да го сработиме зашто сите сме сведоци дека градот од Широк Сокак, па понатаму е преплавен со кучиња, а побарувањата се огромни од луѓето кои претрпеле штета“, рече неодамна градоначалникот Тони Коњановски на седница на Советот.

Доскорешната локална власт во Битола пред една година, при отворањето на паркот за миленичиња во градското Шеталиште во Битола најави дека во тек е изработка на локална планска урбанистичка документација на локација кај Полигонот за прифатилиште за  кучиња. Полигонот е лоциран на излезот од Битола кај населбата Горно Оризари.