Општина Аеродром со програмата „Замени“ ќе субвенционира нови фасади, прозорци, покриви за жителите


Општина Аеродром денеска ја презентираше програмата за енергетска ефикасност „Замени“ во рамките на Стратегиската платформа за локален економски развој 2021-2025 година „Аеродром – прва општина со европско знаменце“.

На оваа тема на средбата со новинарите брифираа Александар Ѓоргиевски, раководител на Сектор за работи на градоначалник, Димитар Громбановски, менаџер за енергетски проекти на Општина Аеродром и в.д. директорот на Јавното претпријатие за управување со развојни проекти на Општина Аеродром, Владимир Стевков.

„Акцискиот план на Програмата за енергетска ефикасност опфаќа сериозен пакет мерки со кои значајно се поттикнуваат жителите на Општина Аеродром да преземат соодветни заменски активности по свој избор со кои ќе ги намалат трошоците, а истовремено ќе придонесат за зголемена енергетска ефикасност на ниво на цела општина, рече Стевков.

„Ова е само почеток на соработка со заедниците на станари“, додаде тој. Тие на неколку состаноци беа информирани дека можат да изберат меѓу обнова на фасада, реконструкција на покрив, нови ПВЦ надворешни прозорци и врати, набавка на лифт, „смарт“ систем за користење заедничка електрична енергија или да инвестираат во фотоволтаични покривни површини за генерирање соларна енергија.

„Заедниците на станари добиваат можност да донесат одлука што конкретно сакаат да заменат во својата зграда, а Општината ќе учествува со одреден процент при секој потфат“, рече раководителот Ѓорѓиевски на брифингот.

Општина Аеродром во изминатиот период одржа неколку презентации пред фирмите за домување со станбените објекти и на тој начин жителите на повеќе од 500 влеза добија детали за предвидениот проект.

Општината во наредниот период очекува одговор од жителите со цел да ги финишира проектите и на терен.

Имено, куќните совети ќе добијат прашалници, на кои треба да одговорат, што се подготвени да земенат или да обноват во нивните згради, а Општината ќе направи селекција на приоритетни поправки, кои би ги поддржале.

Како што појаснуваат поддршката би изнесувала до 40 – 50 отсто од вредноста на обновата, а станарите се тие што ќе решат дали им треба рекоснтрукција на покрив, изградба на енергетски ефикасна фасада, замена на лифт, промена на прозорци или систем за заедничка потрошувчка на енергија.

Во однос на заинтересираноста, ќе се направи и план за динамика за изработка, а од општината се надеваат дека тоа ќе се случи за месец до месец и половина.

Сепак, се уште не се дефинирани условите кои би ги обајвиле во јавниот повик за поддршка, затоа што проектите се различни, па така не може да има исти услови за поддршка за промена на покрив, за што треба да се добие и согласност од Секторот за урбанизам, а за промена на прозорци пак, би било пологично да се оди на индивидуална поддршка, можеби и по принципот на прв дојден, прв услужен.

Станарите се тие кои ќе треба да најдат ффирма која би ја изврила работата, да ги дефинираат условите, а Општината да кофинансира дел од средствата, па ако тоа е договорено да се направи на рати општината соодветно би одговорила.

Засега, се прават напори сите училишта на територија на општината да добијат фотоволтаици, со кои би се генерирала електрична енергија, како и можност за топлење вода, а во летните месеци кога училиштата не работат, целата енергија би ја користеле градинките во близина на училиштата.(Б.Б.)