Општина Аеродром санкционираше приватна компанија за неправилно одложување отпад


Фото: Независеен

Општина Аеродром изрече санкција за приватна компанија која одложувала отпад на локација која не е определена за таа намена.

Утрово, комуналните инспектори на Општина Аеродром изрекоа прекршочна казна за правно лице, приватна компанија која спротивно на законите и без дозвола од општина, одложувала отпад на локација која не е определена за таа намена. Санкцијата е изречена согласно член 14 од Законот за јавна чистота.

Општинскиот инспекторат ја изрече казната откако инспекторите утврдиле прекршување на законот, по претходна дојава од граѓани. Станува збор за локација која се наоѓа во населбата Ново Лисиче и на која претходно, комуналните служби на Општина Аеродром во неколку наврати, користејќи ги сопствените капацитети спроведоа акција за чистење на истата локација.

Апелираме до граѓаните и правните лица да ги почитуваат законските прописи кога станува збор за соодветно депонирање и одложување на отпадот. Во таа насока ја информираме јавноста дека во следниот период, општинските инспектори, преку засилени контроли на терен ќе изрекуваат санкции за сите оние кои ја загадуваат животната средина и постапуваат спротивно на законот. Здравјето на граѓаните и чистата животна средина се единствениот приоритет на Општина Аеродром.