Општина Аеродром објави јавен повик за избор на асистенти за деца со посебни образовни потреби


Илустрација

Општина Аеродром денеска објави јавен повик на кој можат да се пријават сите невработени лица и студенти што се заинтересирани да се вклучат за поддршка на процесот на инклузија на децата со посебни образовни потреби, ученици од прво до трето одделение во основните училишта на подрачјето на Општината.

Проектот, како што посочуваат од Општината, опфаќа работно ангажирање на лица со скратено работно време за период од пет месеци, со скратено работно време од дваесет работни часа неделно.

Кандидатите што ќе се пријават на јавниот повик треба да ги исполнуваат следниве услови: Специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник со завршено образование VII/1 степен т. е. VI А според македонската рамка на квалификации МРК или 240 ЕКТС, како и лице што ги исполнува условите за наставник во одделенска настава (VII/1 степен т. е. VI А според МРК или 240 ЕКТС), односно наставник во предметна настава (VII/1 степен т. е. VI А според МРК или 240 ЕКТС); Студенти од завршната година на педагошки и наставнички факултети (специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, наставник во одделенска настава и наставник во предметна настава).

Заинтересираните кандидати треба да достават Пријава со прилог доказ за завршено образование (фотокопија) или потврда од соодветниот факултет на следнава адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ бр. 109 Б, 1000 Скопје, до Сектор за образование, спорт, култура и заштита.

Доколку на огласот не се пријави лице со образование наведено во точка 1 и 2, образовен асистент може да биде и лице со завршено најмалку четврто ниво на квалификации според македонската рамка на квалификации (МРК).

Избраните кандидати треба да достават доказ од Основен суд 1 – Скопје дека не им е изречена со правосилна судска пресуда казна или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност.

Месечниот паричен надоместок изнесува 15 илјади денари бруто износ, со вклучени персонален данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.

Од Општина Аеродром додаваат дека крајниот рок за доставување на апликациите е 15 јануари 2021 година, до 15 часот.