Општина Аеродром: Доградбата на ООУ „Лазо Ангеловски“ е во завршна фаза


Во завршна фаза е изградбата на новите четири училници во рамките на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче.

Капиталниот проект опфати изградба на приземје и кат односно четири нови училници, хол, канцеларии и санитарни јазли, што се поврзани со веќе постојниот објект на училиштето.

„Изградбата на новите училници е од исклучителна важност за учениците, бидејќи не само што ќе се прошири капацитетот на училиштето, туку ќе се реши и деценискиот проблем, со што конечно ќе може да се укине третата смена во наставата“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Општина Аеродром останува фокусирана на најмладите и на обезбедувањето најдобри услови за нивно образование. Досега се реновираа сите основни училишта, а во тек е изградбата на целосно новиот објект на ООУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, со што учениците од овој дел на Аеродром ќе добијат современо училиште по цели шест децении.