Општина Аеродром чекор напред до изградба на голф терен во Лисиче


Градоначалникот на Аеродром, Златко Марин и претседателот на Македонската голф-федерација, Наум Јанакиев, денеска потпишаа Меморандум за соработка, со што се отвора патот за изградба на голф-терен на територијата на оваа скопска општина.

Терените, како што предвидуваат од локалната самоуправа, ќе се градат во руралниот дел на Аеродром, односно во селото Лисиче и ќе се протегаат на површина од 15 хектари. За нивна изградба и ставање во употреба се потребни 2,5 милиони евра. Дел од средствата за овој проект е планирано да се обезбедат преку Европската Унија преку грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании.

Градоначалникот на Аеродром вели дека потпишаниот меморандум е од огромно значење бидејќи отвора ново поглавје во областа на спортот и популаризација на голфот во нашата држава.

Тој смета дека изградбата на голф-терените ќе ја стави Општина Аеродром на мапата на светските дестинации и ќе влијае за развивање голф-туризам.