Општеството ги боде младите


Убиството на младото момче кое допрва требаше да живее, Никола Христовски, дејствува како студен туш во неподносливата зовриена општествена атмосфера. За жал, по којзнае кој пат тоа го запали алармот и го отвори прашањето дали воопшто некој води грижа за младите и какви се знаците кои, покрај нивниот животен пат, ги оставаат родителите.

Информациите дека на убиството му претходела меѓуетничка расправија, бидејќи осомничениот за убиството кој, наводно, прво бил нападнат и пробал да избега, имал босанско потекло, дополнително покажува за степенот на нивната контаминација со најразлични отрови, па и со отровот на национализмот. За тоа, во крајна линија, тие не се виновни. Злото во себе не постои. Тоа се гради низ семејните, образовни и општествените коридори, кои очигледно се затнати со опасна материја која ги гори една по една сите цивилизациски вредности.

Тажно е што, и неколку дена по настанот, не престанува да се шири омразата и заканите по социјалните мрежи чие сиже е принципот „око за око, заб за заб“. Но, за среќа, има и луѓе со прилично поголема свест кои нагласуваат дека главната поента во целата трагедија е дека замина уште едно дете, чиј живот го одзеде друго дете и, зошто тоа се случува?

Дел од граѓаните оправдано се полни со гнев и поради преоптовареноста на македонското општество со политика додека младите се испуштени од раце и сурово фрлени на општествената депонија, каде што се принудени да се хранат само со ѓубре. Тоа, вистина, не е само одлика на нашето општество. Трагедии се случуваат секаде – и поблиску и подалеку. Фантазијата на лов на другиот, ма кој било тоа, очигледно е една од посилните фантазии кај младите. Гледаме, на пример, како во САД, млади луѓе ништат сè пред себе, па и цели класови во името на нешто, којзнае што. Но тој факт не треба да биде утеха.

Политичката атмосфера во земјава е константно неподносливо конфликтна. Силни се повиците за национална хомогенизација со доминација на колективните вредности над индивидуалните слободи. Голем број млади сè повеќе покажуваат етноцентричка идентификација и дискриминаторски позиции кои најчесто произведуваат насилство.

„Убиството на младото момче е дел од една голема но, за жал, веќе исцрпувачка тема за која е зборувано многу, но тоа не помогнало нештата да се подобрат. Сè полесно се вадат ножеви и пиштоли. А причините се различно банални – од етнички предрасуди до кавга, да речеме, за девојка. Трпението и контролните механизми лесно попуштаат“, вели социологот Илија Ацески.

Општата атмосфера во општеството и целокупната невроза, според него, неминовно се рефлектираат кај младите кои не се зрели личности и лесно може да ги впијат изопачените правила на однесување кои се повеќе ги гледаат во реалниот живот. Затоа и лесно посакуваат да имаат во посед разно разни оружја и со нив да ја докажат својата машкост, мислејќи дека тоа е картата за подобра иднина.

„Девијантното однесување доаѓа до израз особено кај младите меѓу 15 и 18 години. Во тој период ги обзема некаква хистерија да истераат некоја правда на сосема погрешна адреса. Тие се изложени на влијанието на медиумите кои стануваат оптоварување со својот фокус кон црната хроника и конфликтноста која извира од сите агли на општеството. Во меѓувреме, се распаѓаат традиционалните семејни вредности и култура, па така тие се наоѓаат во еден вакуум-простор. Треба да се приспособат на едно ново време, а системот тоа не им го овозможува. Политичките и социјални проблеми, како и безизлезот создаваат огромен притисок врз младите“, посочува Ацески.

Многу отров, според него, се шири во самите семејства, а образованието, вели, ја загубило својата воспитна компонента.

„Каде и да се завртат, тие гледаат само поделби и групирања по различна основа – етничка, религиска, политичка. За жал, ниту наставниците и професорите не се имуни на тоа. Во една таква севкупна атмосфера емпатијата станува заборавена вредност“, вели Ацески.

Психолозите како голем проблем го нагласуваат отсуството на комуникацијата меѓу децата и родителите презафатени со своите кариери. Недоволната грижа и препуштеност на самите себе, велат, доведува до агресија, осаменост и отуѓеност. Затоа многу полесно за пример земаат лица што не треба да им бидат пример, лица кои имаат сомнителни активности. Според нив, мора да има една мултидисциплинарност во превентивното дејствување, значи во поширока смисла на зборот. Тука спаѓаат и семејството и влијанието на врсниците и медиумските влијанија и наставниците.

Наум Котевски