Општата болница Куманово целосно ќе се загрева на природен гас


Заврши гасификацијата на Општата болница Куманово, оваа здравствена установа целосно ќе се загрева со природен гас. За неполни две години оваа е втора гасификација на јавна здравствена установа, информира министерот за здравство Венко Филипче.

На својот фејсбук-профил тој пишува дека лани во септември завршила гасификацијата на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир и дека во последните четири години вложиле во кадар и во опрема, со цел да го направат здравствениот систем подостапен и функционален за пациентите, но и за здравствените работници.

– Во тек се проекти за енергетска ефикасност на 28 објекти од здравствениот сектор. Во проектот се опфатени Клиниката за физикална медицина, во Козле, ЗД во Валандово, Кратово, Крива Паланка, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Св. Николе, Штип, Поликлиника Идадија во Скопје, УК за Психијатрија, како и повеќе здравствени институции, станици во селата Карбинци, Пештани, Белчишта, Бучин, Герман, Ранковце, Зрновци, Блатец и Извор, додава Филипче.