Општа осуда во светот на плановите на Путин за мобилизација и заканите


Украински управувач на дрон во Бахмут

 

Речиси унисона е реакцијата во светот по денешното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин и таа може да се сведе во една реченица: Русија признава дека војната не ѝ оди добро и тоа е закана за мирот во целиот свет.

Холандскиот премиер Марк Руте за телевизијата НОС рече рускиот претседател е во паника.

„Мобилизација, повикување на референдуми во Донецк, сето тоа е знак на паника. Неговата реторика за нуклеарното оружје е нешто што сме го слушнале многу пати досега и нè остава ладни. Сето тоа е дел од реториката што ја знаеме. Би ве советувал да останете мирни“, порача тој.

Американската амбасадорка во Киев, Бриџет Бринк, ја оцени најавата на рускиот претседател Владимир Путин како знак на неуспех и нагласи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат отпорот на Украина на руската агресија.

„Лажните референдуми и мобилизацијата се знаци на слабост, на рускиот неуспех“, напиша Бринк на Твитер и додаде дека САД никогаш нема да ја признаат руската власт во анектирана украинска територија. „Ние ќе продолжиме да стоиме со Украина онолку долго колку што е потребно“, наведе американската амбасадорка

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја повтори поддршката на неговата земја за Украина. Ројтерс пренесува дека тој им рекол на медиумите:

„Ќе направиме сѐ што можеме со нашите сојузници, за НАТО да ја поддржува Украина уште повеќе за да може да се брани. Потврдени се информациите за делумна мобилизација. Русија ќе се обиде да ја уништи Украина и да одземе дел од нејзината територија. Не можеме да го дозволиме тоа“.

Моравјецки присуствуваше на воените вежби што полската армија ги одржа со американските и британските сојузници во источна Полска.

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев, утрово го објави на Телеграм својот одговор на зборовите на Владимир Путин. Тој пишува:

„Мобилизацијата и нуклеарните закани објавени од Путин нема да му помогнат на агресорот во неговиот обид да ја освои и уништи Украина и Украинците. Тиранот конечно ги започна процесите што ќе го закопаат во неговата земја. И цивилизираниот свет мора конечно да сфати дека злото треба да се искорени од корен, а не да зборува за некакви илузорни ‘мировни преговори’“.

Секретарот за одбрана на Велика Британија, Бен Валас, оцени:

„Прекршувањето на сопствените ветувања од страна на претседателот Путин дека нема да мобилизира делови од населението и нелегалната анексија на делови од Украина се признание дека неговата инвазија е неуспешна. Тој и неговиот министер за одбрана испратија во смрт десетици илјади свои граѓани, неопремени и лошо водени.

Ниту една количина на закани и пропаганда не може да го сокрие фактот дека Украина победува во оваа војна, меѓународната заедница е обединета и Русија станува глобален отпадник“.

Чешкиот премиер Петр Фијала напиша на Твитер:

„Делумната мобилизација што ја најави Владимир Путин е обид за дополнително ескалирање на војната што ја започна Русија во Украина и дополнителен доказ дека Русија е единствениот агресор. Потребна е помош за Украина и ние мора да продолжиме да го правиме тоа во наш сопствен интерес.

Висок украински функционер во средата одговори на говорот на рускиот претседател Владимир Путин кој најави делумна мобилизација на руските граѓани, велејќи дека „Животот има одлична смисла за хумор“.

„210-ти ден од ‘тридневната војна’, објави на Твитер Михаило Подољак, советник на шефот на канцеларијата на претседателот на Украина.

„Русите кои бараа уништување на [Украина] на крајот добија: 1. Мобилизација. 2. Затворени граници, блокирање на банкарски сметки. 3. Затвор поради дезертирање“, напиша Подољак на Твитер.

„Се уште е сè според планот, нели? Животот има одлична смисла за хумор“.

Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални го обвини Владимир Путин дека се обидел да „извалка стотици илјади луѓе“ во „криминална војна“, откако рускиот претседател најави делумна мобилизација.

Во видео-пораката од затворот, снимена и објавена од неговите адвокати, Навални рече дека делумната мобилизација ќе доведе до „масовна трагедија“.

Навални, кој отслужува повеќе од една деценија затвор во серија случаи кои изгледаат дизајнирани да го задржат зад решетки на неодредено време, рече:

„Ова ќе резултира со огромна трагедија, со огромно количество смртни случаи… за да ја задржи својата лична моќ, Путин отиде во соседна земја, уби луѓе таму и сега испраќа огромно количество руски граѓани во оваа војна“.

Тој додаде:

„Јасно е дека криминалната војна се влошува, се продлабочува, а Путин се обидува во тоа да вклучи што повеќе луѓе. Тој сака да извалка стотици илјади луѓе во оваа крв“.