Опсадна состојба во Вашингтон: Продавниците забарикадирани, на улиците 20.000 војници


 

На денот на инаугурацијата на претседателот во Вашинготн вообичаено се собираат стотина илјади радознали граѓни. Но, оваа среда сигурно ќе биде поинаку. Виновници се короната и стравот од ескалација на насилство, пишува Дојче веле.

Сè мириса на вонредна состојба. Откако на 6 јануари маса насилници влегоа во Капитол покрај малобројните полицајци и припадници на службите за обезбедување, сега сè изгледа поинаку. Големиот страв дека насилствата ќе се повторат оваа среда, кога должноста свечено ја презема новиот претседател Џо Бајден.

Таа напнатост, но и пандемијата, оваа среда ќе ја направат поинаква во однос на претходните денови на инаугурација. Обично меѓу Капитол и Линколновиот меморијал се собираат стотини илјади луѓе да го видат новиот шеф на државата. Во музичката програма учествуваат ѕвезди како Арета Френклин или Бијонсе.

Потоа вообичаено следи парада, претседателот и потпретседателот со сопружниците поминуваат покрај гледачите по должина на Авенијата Пенсилванија, се до Белата куќа. Во парадата учествуваат војници и оркестри.

Националната гарда е подготвена

Оваа година е сè поинаку. Политичарите ги молат луѓето да не доаѓаат во Вашингтон.

„Ќе соработуваме со партнерите од сојузните власти за да обезбедиме сигурност на регионот и нашиот главен град“, пишува во соопштението кое го потпишаа градоначалникот на Вашингтон и гувернерите на соседните држави Мериленд и Вирџинија.

Кога Барак Обама стана претседател, се собраа 1,8 милиони луѓе. На инаугурацијата на Трамп во 2017 година пристуствуваа 500.000 луѓе.

Уште и пред упадот на десничарските екстремисти во Капитол, кога петмина го изгубија животот, инаугурацијата е планирана како помала приредба поради епидемијата.

„Не е потребна гигантска парада на Авенијата“, порача Бајден на почетокот на годината.

Но, по нередите во Капитол пандемијата стана помала грижа. Американскиот главен град е под барикада, во центарот има бројни продавници и деловни згради кои се забарикадирани со штици. Тајната служба ја презеде одговорноста за безбедноста.

Мобилизирани се повеќе од 20.000 припадници на Националната гарда. Само за споредба, пред четири години 8.000 од нив беа доволни да го одржат редот на инаугурацијата на Трамп. Сега светот го обиколија слики од војници кои веќе дежураат во Капитол и спијат на мраморниот под.

Откажани ноќевања

Сообраќајот во среда ќе биде блокиран во административниот дел од градот. Пред седиштето на Конгресот националните гардисти патролираат пред ограда висока два метра.

„Сега се чувствувам безбедно. Овде изгледа како да сме во воена база“, вели Џим Фројнд кој живее на неколку блока од таму.

Од викендот се затоврени 14 станици на подземното метро. Така на потенцијалните демонстранти им се оневозможува доаѓањето. Официјално веќе и на пешаците им е забранет пристапот во „Национал мол“, шеталиштето каде се одржува инаугурацијата.

Во среда мора да се затворат и фризерските салони и теретани, ако веќе не се затворени поради пандемијата. Аирбнб ги откажа сите резервации за ноќевања во Вашингтон во неделата на инаугурацијата. Таа платформа преку која се изнајмуваат приватни станови соопшти дека не сака насилници или можеби вооружени луѓе да го искористат нивниот сервис.

Сите мерки веројатно нема сосема да ги спречат приврзаниците на претседателот во заминување Доналд Трамп да се појават во Вашингтон во среда. Но, главниот град засега е подготвен – барем така делува.