Опсадна состојба во Њујорк, густиот чад ја задуши метрополата

Стотиците пожари што беснеат во Канада го донесоа чадот дури до Њујорк


Жолт чад над Њујорк

 

Поради огромните шумски пожари кои беснеат низ Канада, квалитетот на воздухот е значително намален во таа земја и во соседните САД. Густ чад се издигна над Онтарио и Квебек во Канада, а портокалова магла се спушти дури до Филаделфија, Њу Џерси и Њујорк.

Поголемиот дел од тој чад доаѓа од Квебек, каде во моментов горат околу 200 големи шумски пожари. Канадските власти велат дека ова е веројатно најлошата сезона на пожари досега – a е само почетокот на јуни.

Експертите велат дека оваа пролет била многу потопла и посува од вообичаено, а таквите околности придонесувале за избувнување на пожари. Тие предупредуваат дека слични услови се очекуваат и во остатокот од летото.

Канада издаде предупредување за здравјето на воздухот за областа Отава и Торонто во вторникот.

Ситуацијата во Квебек е толку лоша што во некои заедници луѓето со астма и слични респираторни проблеми почнаа да се преселуваат во области помалку погодени од чадот.

И Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави соопшти дека квалитетот на воздухот во поголемиот дел од северозападниот дел на земјата е „штетен по здравјето“, особено за оние кои имаат респираторни заболувања и проблеми со дишењето. Севкупно, погодени се околу 100 милиони луѓе низ Северна Америка.

Во Њујорк чадот е толку густ што едвај се гледа познатата панорама на градот, а со чад е покриена и Статуата на слободата. Градоначалникот Ерик Адамс предупреди дека ситуацијата може да се влоши во текот на денот во среда.

Јавните училишта ги откажаа сите активности на отворено, а и покрај тоа што 7 јуни е Светски ден на трчањето, бројните трчање низ Њујорк се откажани поради лошиот квалитет на воздухот. Така нема да се одржи ниту специјалната трка која ја подготви организацијата New York Road Runners.

Во објава на Твитер, групата напиша: „7. Јуни е глобален ден на трчањето, но ако сте во Њујорк или во која било погодена област, ве молиме следете ги здравствените совети за квалитетот на воздухот во вашиот град и презакажете го трчањето.’

И здравствените власти во Филаделфија објавија дека е издаден црвен аларм поради високите нивоа на фини честички.

„Воздухот е нездрав за дишење. Квалитетот на воздухот може да варира низ градот и во текот на денот, при што некои области имаат значително полош квалитет во зависност од ветровите што преовладуваат“, велат од Канцеларијата за јавно здравје во Филаделфија.

Тие ги повикаа жителите да ги откажат настаните и собирите на отворено и да носат „висококвалитетни маски“ како што се N-95 или KN-95 доколку е можно.

Исто така, се повикуваат граѓаните да ги затворат сите прозорци и врати за да се намали загадувањето на воздухот во нивните домови. Симптомите на кои треба да внимаваат вклучуваат отежнато дишење, гадење и вртоглавица.

Предупредување за лош квалитет на воздухот е издадено за среда и четврток за југоисточниот дел на Мичиген, вклучувајќи го и градот Детроит.

Претходно утринава Детроит беше 10-ти најзагаден град во светот по слаб квалитет на воздухот, додека Њујорк во еден момент се искачи дури на 5-то место, според сајтот за мониторинг на квалитетот на воздухот IQAir.