Опсадна состојба пред судот во Белград – дали Кецмановиќ ќе сведочи против своите родители?
Момчето убиец од Основното училиште „Владислав Рибникар“ утрово беше донесено од болницата каде е сместено во зградата на Специјалниот суд, каде денеска во 10 часот е закажано неговото рочиште во кривичната постапка против неговите родители.
Како што пренесуваат медиумите, момчето-убиец со возило на брза помош било донесено на задниот влез на Специјалниот суд. Возилото било придружувано од два полициски џипа што ротирале.
Пред Специјалниот суд има вооружени полицајци со пушки за да го обезбедуваат судот и судењето.
Има и неколку полициски возила.
К.К денеска на судењето ќе седне во затемнета стаклена „куќа“ за заштитени сведоци, а судијата на почетокот на судењето ќе го праша дали сака да сведочи, бидејќи според законот поради блиски семејни врски има право да одбие да сведочи.
Доколку прифати, сите учесници во постапката можат да му поставуваат прашања, а ако одбие, претресот завршува.
Во тој случај, ниту неговиот исказ кој во истрагата два месеци по злосторството во Вишото обвинителство го дал преку видеоврска, нема да може да се користи како доказ во судската постапка против неговите родители.
Да потсетиме, момчето-убиец што го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај минатата година, првпат ќе се сретне очи во очи со семејствата на своите жртви, но и со неговите родители со кои му е забрането да комуницира од покренувањето на обвинението.