Оправдано отсутен


ЃОРЃИ СПАСОВ

Да умревме вчера, немаше да дознаеме дека мозокот на грабежот на столетието во Македонија, почесниот претседател на македонската најреволуционерна организација, да ти бил „оправдано отсутен“ од земјава.

Нему, според почитувачите на неговиот лик и дело, не му било дозволено од Будимпешта, во која доби политички азил, да го известува претседателот на Собранието дека е „оправдано отсутен“, бидејќи ако е случајно присутен во земјава, ќе мора да биде во затвор на издржување казна за злоупотреба на службената должност.

Ако беше присутен во земјава, според тврдењето на неговите сопартијци, ќе продолжеше „политичкиот прогон“ на чесниот пратеник Никола Груевски и ќе беше „лажно обвинуван“ за перењето огромни суми пари при изградбата на споменици и барокни фасади од проектот „Скопје 2014“, за милионските провизии земени од „жутите“ што ни градеа патишта, за масовното кршење на човековите права со нелегално прислушувани на десетици илјади телефонски разговори, за корупција на медиумите преку рекламирање на успесите на владата и бесмислено трошење на буџетските пари, за лично богатење и богатење на неговиот пријателски круг на сметка на буџетот и осиромашените граѓани, за порачување насилства врз опозициски политичари, па дури и за поттикнување, организирање и раководење со линч на пратеници од толпа во Собранието на крвавиот четврток.

Нашиот либерален Устав му дозволува на таков човек да ја добива следните шест месеци пратеничката плата, независно од тоа дали е во затвор или успеал да побегне од земјата. Уставот на избраниот пратеник му гарантира дека по истекот на тие шест месеци може да му биде одземен мандатот само ако за таквата мерка Собранието обезбеди двотретинско мнозинство и гласа дека „изминатите шест месеци се вистина шест месеци“ на неоправдано отсуство и дека со „сигурност тој не присуствувал на седниците од неоправдани причини“. Ако не се обезбеди ова двотретинско мнозинство во Собранието за одземање на мандатот на мозокот на најголемиот криминал во историјата на оваа земја, тогаш тој и натаму „според устав и закон“ ќе си ја добива месечната плата на својата сметка во државата кај што добил политички азил и ќе ни се смее в лице на сите.

СДСМ денес е најмногу обвинуван и најмногу губи поддршка од оние што гласаа за промени во декември 2016 година, затоа што дозволи клучниот инспиратор и нарачател на сите криминали во земјата, на сите злоупотреби и насилства, да побегне од правдата и во негово отсуство да им се суди само на некои од неговите соработници и послушници кои не обезбедија пратенички мандат.

Антонио Милошоски, Трајко Вељаноски и многу други што обезбедија за себе пратенички мандат и имунитет, не само што заборавија дека беа главните столбови на поддршката за извршување на најголемиот криминал во историјата на земјата, не само што се прават дека не се сеќаваат дека порачувале лустрации и уништувале човечки судбини, не само што не се сеќаваат дека со џокери менувале и избирале судии за да си обезбедат неказнивост и дека се виновни и за „црниот понеделник“ и за „крвавиот четврток“, туку се главни продавачи на лажен морал, лицемерно обвинувајќи ги другите за неморал. Од таквите како нив, за жал, изгледа зависи дали ќе биде продолжен мандатот на Специјалното јавно обвинителство и дали правдата ќе ги стигне сите виновници.

Со други зборови, Македонија денес има проблем не само со „оправдано отсутните“, туку и со „неоправдано присутните“ пратеници во Собранието. Тоа се најгласните што бараа Павле Богоевски да си поднесе оставка од морални причини и да му се суди, кои морализираат на секоја тема и глумат невиност без заштита.

Секако, на СДСМ и на Зоран Заев јавноста може да им прости ако Македонија и покрај сè не добие датум за започнување преговори за членство со ЕУ во јуни. Може да им прости и за побавното остварување на ветениот економски напредок на земјата, но нема да им прости ако од кои било причини клучните виновници за големиот криминал во земјата, за големата корупција, за монструозните лустрации, за насилствата и децениската изолација на земјата останат неказнети и им се остави простор да продолжат да се однесуваат како ништо да не се случило.

Никој не очекува од СДСМ да воведе преки судови и да спроведува револуционерна правда, каква што спроведуваше режимот кој беше поразен на избори. Сите се свесни дека парламентарното мнозинство нема две третини од пратениците во Собранието за да биде донесен законот за СЈО. И луѓето се свесни дека правдата зависи од ефикасноста на судството во чија работа не треба да се меша политиката.

Меѓутоа, јавноста, која учествуваше во промените под слоганот „Нема правда – нема мир“ не прифаќа подавање рака на криминалците и виновниците. Не прифаќа помирување со оние што мирот ни го имаа земено повеќе од десет години. И сака да дознае што стана со големите суми пари кои беа украдени од буџетот. Дали и кога тие украдени пари ќе бидат вратени, а криминалците конечно затворени?  Политичката јавност не прифаќа христијанско простување на гревовите, а уште помалку „продавање индулгенции“. А ако се забележат такви работи, ќе се роди некоја нова „протестантска црква“.

Откако СДСМ победи на изборите во 2002 година со освојување на половина милион гласови, од него тогаш се очекуваше да се справи со криминалот направен од претходната влада на Љупчо Георгиевски. Како што изминуваше мандатот на таа влада, која успеа да го уапси само генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Поповски, граѓаните беа преплавени со муабети дека е договорено да се замижи во однос на криминалот направен од Љупчо Георгиевски и да им се дозволи на Даравелски и на другите да избегаат. Тогаш во тој мандат му се дозволи на Груевски, кој беше министер за трговија во претходната влада, па и министер за финансии под чија надлежност беа и Царината и УЈП и државните резерви, не само да остане без обвиненија, туку и да биде најгласен обвинувач за криминал направен од новата власт, по што тој победи на изборите во 2006 година.

Денес СДСМ е соочен со слични обвинувања и опасности.

Ако не успее да го санкционира криминалот на претходната власт, набргу ќе почне да се зборува дека тоа се случува заради „договор меѓу криминалците“ и дека сите се исти. Поранешните криминалци, заштитени со пратенички мандат или без мандат, преку политиката „Држете го крадецот“ можеби ќе успеат и да се вратат на власт. А тогаш ќе гледаме одново „револуционерна правда“ и ќе нема ниту правда ниту мир уште многу долго време.

Во Србија по 5 октомври и смената на Милошевиќ, никој не очекуваше можност за враќање на власт на неговите најблиски соработници. Но Вучиќ и Дачиќ, кои беа најгласни бранители на неговата политика, денес се одново на власт и делат правда на свој начин.

Македонија не смее да си дозволи враќање назад, бидејќи сегашната власт на последните избори победи и со слоганот „Никогаш да не се повтори“.