Опозицијата во Албанија доби дозвола да протестира само два часа


Обединетата албанска опозиција доби дозвола да протестира два часа од 19 до 21 часот и тоа само пред Владата, на булеварот „Народни херои“, наспроти барањето да протестира до полноќ.

Поради протестот, но и посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, зајакнати се безбедносните мерки во албанската метропола.

Пред Владата, како и за претходните протести, поставени се метални огради, а зголемен е и бројот на камери со висока резолуција, ќе има и противпожарни и возила за брза помош, како и цистерни со вода, во случај да биде потребна употреба на водени топови.

За безбедноста ќе бидат ангажрани над 1.700 униформирани и цивилни лица вработени во МВР.

Синоќа, по митингот на владејачката коалиција, со кој таа и официјилно ја почна изборната кампања, лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша се обрати преку Фејсбук до граѓаните повикувајќи ги на што помасовно учество на денешниот протест за да се стави крај на „владеењето на криминалната влада на Еди Рама“.

Денеска преку Фејсбук на масовност повика и лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади за „да се урне злото, зашто иднината на нашите деца не може да биде заложник на Рама“.