Опозицијата сè уште владее со МРТ


– Ќе предложиме законски решенија со кои МРТ од партиски билтен ќе ја трансформираме во професионален сервис на сите граѓани и во силен идентитетски столб на државата – стои меѓу другото во делот насловен „Слободни медиуми“ во програмата на Владата, која беше објавена кога СДСМ го презеде кормилото на „Илинденска“. Оттогаш поминаа повеќе од две години, а на чело на јавниот сервис и натаму е истиот тим на кој, веројатно, се однесува и забелешката дека од државниот медиум направил партиски билтен, што би значело „билтен“ на претходната власт, а сегашна опозиција. Во меѓувреме, се одржаа два изборни циклуси и еден референдум на национално ниво, а функционери на СДСМ во повеќе наврати реагираа на уредувачките политики на МРТ, додека против нејзиниот долгогодишен директор Марјан Цветковски беа покренати неколку кривични пријави за различни случаи.
По малата пауза од последната кривична пријава што за Цветковски ја поднесе Финансиската полиција, поради заложување на имот на МРТ без дозвола од Собранието, СДСМ вчера алармираше дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги кочи и натаму медиумските реформи. Образложението е дека претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Илија Димовски, не свикува седница за да почне постапката за избор на нови членови на Програмскиот совет на МРТ, кој потоа избира директор, и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Според портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, со тоа Димовски и ВМРО-ДПМНЕ, веројатно, се надеваат на партиски пазарења кои, како што рече, со сигурност нема да се случат.
– Очигледно единствена причина е зачувувањето на нивните партиски кадри во МРТВ и АВМУ, кои доведоа до катастрофалната состојба со медиумите во која беше нашата држава. Состојбата во МРТВ е единствената критика од извештајот на Европската комисија и обврска на сите е да се обезбеди независен и професионален национален сервис. Јасно е зошто само ВМРО-ДПМНЕ, партијата што создаде заробена држава, е против независни и професионални институции, против независна Агенција и независен и професионален Програмски совет во МРТ – изјави Костадинов.
Тој нагласи дека една од членките на Програмскиот совет на МРТ – Косана Мазнева (поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ), е назначена за советничка на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
– Како одговорна партија, бараме да се почитува законот и веднаш да се свика Комисијата за избори и именувања, затоа што мораме да ја почнеме јавната и транспарентна постапка за избор на членови на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ – рече Костадинов.
Следуваше одговор од Димовски дека се обидува, пред да го почне процесот за избор на новите управувачки тела на МРТ и на АВМУ, да биде сигурен дека има шанси тој да заврши успешно. Но, како што рече, СДСМ се однесува како да има монопол не само врз Собранието туку и во државата во целост.
– Како претседател на Комисијата за прашања за избори и именувања се обидувам, пред да го започнеме процесот, да има минимални изгледи дека тој ќе биде успешен и дека нема да биде заглавен како многу други процедури и постапки – рече Димовски.
Тој тврди дека во изминатите два месеца, поточно откако беше распишан конкурсот за избор на нови членови во советите на МРТ и на АВМУ, остварил контакти со повеќе лица од повеќе пратенички групи во Собранието за, како што посочи, да стимулира што е можно побрзо почнување на процедурата, со замолница до политичките партии да почнат дијалог кој ќе значи минимални услови за успешност на процедурата.
– За возврат, не постои никаков контакт и никаква желба за дијалог од владејачкото мнозинство во Собранието, иако оваа постапка за избор на членови на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТВ е во согласност со законите што беа гласани едногласно од Собранието, со поддршка од опозицијата – вели Димовски. Според него, тоа е аргумент дека ако опозицијата имала намера да кочи, ќе кочела уште во таа фаза.
Законот за аудио и аудиовизуелни услуги беше донесен кон крајот на минатата година, поточно пред повеќе од половина година, со 79 гласа „за“, а откако претходно речиси цела година беше затрупан со амандмани (главно од опозицијата) и заглавен во собраниската Комисија за транспорт и врски, која ја предводи исто така пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска. Излез од оваа ситуација Владата најде во повлекување на законот од собраниска процедура, по што тој беше вратен со европско знаменце, за да се ограничи времетраењето на постапката за негово донесување.
Потоа беше распишан конкурсот за избор на нови членови на управувачките тела на МРТ и на АВМУ, кој беше замрзнат за време на изборите. Во тој период, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски изјави дека се очекува веднаш по претседателските избори да почне постапката за избор на новите функционери во МРТ и во АВМУ и сè да биде завршено до почетокот на септември, со оглед на собраниската ферија во август.
Димовски вчера појасни дека новата постапка за избор на советите на јавниот сервис и на Агенцијата е исклучително комплицирана и сосема различна од претходно. Новиот закон предвидува двотретинско мнозинство во Комисијата за избори и именувања, што значи дека од 13 члена, најмалку девет треба да гласаат за сите поединечни предлози, додека на пленарна седница е потребно и двотретинско и Бадинтерово мнозинство.
– Доколку досега ја почнев процедурата за избор на членови на овие две тела, сигурен сум дека таа ќе завршеше неуспешно, па ќе требаше да влеземе во нови постапки и објавување нови конкурси. Од тој аспект, мојот апел до СДСМ е да ги намали емоциите, да научи дека во ова Собрание има 120 пратеници од повеќе од 15 политички партии и да разбере дека тоа подразбира дијалог и минимум разбирање во парламентот – вели Димовски. (А. М. М.)