Опозицијата поднесе над 3.000 амандмани за измените во собранискиот деловник

ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса-Алтернатива поднесоа над три илјади амандмани, кои собраниските служби ќе треба да ги подготват и преведат, за да може Комисијата за деловничко-имунитетни прашања да го разгледа предлогот на Талат Џафери за онлајн вклучување на пратениците заразени од коронавирус на седниците.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1.350 амандмани, Левица 1.400, а Алијанса-Алтернатива уште 400. Опозицијата смета дека власта со овој предлог ја нарушува и онака слабата меѓусебна доверба.

Од власта, пак, посочуваат оти инсистираат Собранието да остане функционално, потсетувајќи дека изминатиов месец шестмина пратеници беа заразени од Ковид-19. Власта илјадниците амандмани од опозицијата ги смета за опструкција.

Минатата недела, парламентарното мнозинство, во отсуство на опозицијата, со 61 глас ја утврди потребата од менување на Деловникот по скратена постапка. Собранискиот спикер Џафери посочи дека онлајн ќе можат да се вклучат само пратениците со решение за изолација. Откако ќе заврши амандманската расправа во матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, предлогот треба да добие поддршка од мнозинството за да биде усвоен.