ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека ја злоупотребува епидемијата за распродажба на идентитетот, а СДСМ им возврати дека таа им е параван – за да бегаат од избори.

-Јавноста беше сведок дека под закрила на полицискиот час и мерките за справување со епидемијата, власта кукавички го отстрануваше симболот на сонцето од Кутлеш на плоштадот во Крива Паланка.Со тоа продолжи континуираното погазување на достоинството на народот и на Македонија.

Дополнително вчера и претседателот на Македонија, Пендаровски, во улога на портпарол на Заев и СДСМ, потврди дека СДСМ бега од носење на консензус на сите релевантни политички субјекти за одбрана на клучните национални интереси и идентитетски прашања како македонскиот јазик, македонската нација и македонскиот народ. Пендаровски вчера ги потврди нашите, но и стравувањата на јавноста, дека Заев и СДСМ се подготвени и понатаму да се пазарат со вакви прашања и на крајот да извршат еден инженеринг од кој ќе произлезе северно-македонска нација, што е недозволиво.ВМРО-ДПМНЕ уште минатата година, после првите сигнали дека може да биде оспоруван македонскиот јазик и македонскиот идентитет, побара носење на заедничка резолуција во одбрана на овие прашања, но истата Заев ја избегнува до ден денешен, стои во реакцијата на опозицијата.

-За време за здравствената и економска криза, граѓаните прават јасна разлика помеѓу одговорно и неодговорно однесување. Граѓаните не ја забораваат срамната изјава на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на крајот од февруари, кога кажа дека „од СДСМ молеа бога да се случи корона вирус за да не може ВМРО-ДПМНЕ да излегува со народот на протести“. Наместо со заедништво и солидарност да придонесе во борбата против коронавирусот, Мицкоски се исмеваше и ја потценуваше пандемијата.
Истиот тој Мицкоски, само два месеца по несреќната и скандалозна изјава, се исплаши и бега од одржување на предвремени парламентарни избори. Мицкоски е соочен со неуспехот на неговите срамни, непатриотски надежи и напори да го одложи членството на Република Северна Македонија во НАТО, државата да не добие преговори со ЕУ, како и со пропаднатите подметнувања здравствените институциите да не успеат во справувањето со епидемијата, поради што знае дека е губитник.
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа крајно неодговорно однесување во клучните моменти за здравјето на македонските граѓани. Тие се свесни за тоа и затоа бегаат од  демократски мегдан. Тоа е причината поради којашто не сакаат функционално Собрание, нормализирање и избори, одговорија од СДСМ.