Опозицијата на два ума. На вмровците не им се (пре)дава Груевски


Неколку координации на ВМРО-ДПМНЕ и на пратеничката група беа најавени за синоќа и за утринава, пред денешното заседание на Комисијата за мандатно-имунитени прашања. Гласовите на опозицијата се одлучувачки дали ќе му се одземе пратеничкиот мандат на поранешниот и долгогодишен премиер и лидер на десницата Никола Груевски, кој веќе половина година е во бегство во Унгарија. Таму доби и статус на азилант, додека македонското Министерството за правда со месеци чека одговор на барањето за негова екстрадиција.

Опозициските пратенички групи до вчера немаат изградено заеднички ставови како ќе постапат во однос на можноста Груевски да остане без пратенички мандат. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во раководството на партијата има и размислувања дека се исполнети правните услови за одземање на мандатот на поранешниот премиер и дека би било политички коректно да се гласа „за“, независно од тоа што станува збор за до скоро неприкосновениот водач на партијата. Дел опозициски пратеници, пак, излегоа со лични ставови кои упатуваат на тоа дека наклонетоста кон Груевски, сепак, ќе натежне над правните аргументи. Пратеникот Емил Димитриев кому, на почетокот на 2016 година – во екот на политичката криза во земјава, Груевски му ја предаде премиерската палка вчера навести дека ќе биде „против“ одземање на мандатот на неговиот поранешен лидер.

– Не можам да му одземам нешто што не сум му го дал – изјави Димитриев.

Тој потенцира дека ова е негов личен став и дека не може да говори во име на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Но оваа позиција на Димитриев вчера посебно се потенцираше во партиската централа како можен аргумент опозицијата воопшто да не учествува во гласањето или да биде против одземање на мандатот на пратеникот за кој веќе се донесени неколку решенија за одземање на имунитетот и за определување притвор во случај да се врати во државата.

Независната пратеничка Емилија Александрова, исто така, ни изјави дека не може да зборува во име на осумчлената пратеничка група чии членови беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ кога гласаа за уставните измени. Нејзиниот личен став, пак, е речиси идентичен со тој на Димитриев.

– Јас не би гласала за одземање на мандат на кој било пратеник, не само за Груевски. Јас не сум му го дала мандатот за да му го одземам. Мандатот му е од гласачите – вели Александрова.

Во Комисијата за деловнички прашања од редот на опозицијата членови се поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски и Крсто Мукоски од независната пратеничка група. За сите нив во претходните месеци, во истата Комисија, се водеа постапки за одземање на имунитетот за настаните на 27 април 2017 година, за што сега како можен организатор е осомничен и Груевски, покрај повеќето случаи што за него ги води и СЈО.

Мукоски информираше дека нема да присуствува на денешната комисиска седница затоа што бил службено отсутен, но не кажа каков е неговиот став за мандатот на Груевски. Исто и Тарчуловски ни изјави дека не може да каже ништо пред координацијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која требало да се одржи утринава.

Конечната одлука за мандатот на Груевски, сепак, ќе ја донесе собранискиот пленум. За одземање на пратенички мандат е потребно двотретинско мнозинство, така што досега се памети единствено случајот кога, во деведесеттите години од минатиот век, без мандат остана тогашниот претседател на ДПА, Арбен Џафери – исто така поради неоправдано отсуство подолго од шест месеци. Со оглед на тоа што беше избран според мнозински систем, Џафери победи на дополнителните избори што беа распишани за пополнување на испразнетото пратеничко столче и се врати во Собранието.

Денешната седницата на Комисијата за деловнички прашања ја закажа нејзиниот претседател Павле Богоевски, за кого имаше барања да биде изземен од претседателствувањето на оваа тема поради аферата со наводната нарачка на канабис за медицинска употреба. Од друга страна, Богоевски обвини дека овој случај е отворен со цел негова дискредитација спроти седницата за одземање на мандатот на Груевски.

Според Уставот, на пратеник автоматски му прекинува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. За други ситуации (кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци) предвидено е да се обезбедат најмалку 80 гласa за одземање на мандатот.

Кога беше објавена пресудата за „Тенк“, во парламентот имаше еден обид за одземање на мандатот на Груевски, кој заврши неуспешно поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ и независните пратеници беа против. (A.M.M.)