Опозицијата истура лаги, одговори Шилегов
Нападите против мене на ВМРО-ДПМНЕ се лаги, одговори денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. По тврдењата на опозицијата дека незаконски ја надоградувал неговата куќа, Шилегов, кој е кандидат на СДСМ за уште еден мандат во Скопје, рече дека ќе почека да види до каде ќе оди лагата а потоа ќе ги презентира сите документи.
„Јас сум седум години во политиката, се изнаслушав сѐ и сешто за мене и тоа е стимулирана црна кампања од опозицијата. Во однос на ова прашање ќе почекам да видам до каде ќе одат со лажењето на скопската и македонската јавност и ќе направам само еден прес на кој ќе ги извадам сите документи во коишто во целост ќе се види лагата што се креира околу мојата семејна куќа која е предмет на реконструкција“, рече Шилегов.
Тој нагласи дека опозицијата со нејзините тврдења сакала да ја дефокусира јавноста од она што тој го сработил за четири години -четири булевари, еден мост речиси завршен, еден мост започнат, 110 км велосипедски патеки со сериозна разлика, стационарот за кучиња „Лајка“…
ВМРО-ДПМНЕ и денеска го обвини Шилегов дека незаконски додава два ката на неговата семејна куќа во Карпош и дека во тоа го штител градоначалникот на општината, Стефан Богоев.