Опозицијата и власта во клинч околу субвенциите на Денот на лозарите
Ги намалува или не Владата субвенциите во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра
Секој позначаен настан за македонските земјоделци поминува во политичка пресметка меѓу власта и опозицијата околу субвенциите и иднината на земјоделството. Така беше и денеска на Денот на лозарите, Свети Трифун.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат 30 отсто од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче на закројувањето на лозјата во Тиквешијата.
Според него, Владата ја намалува и програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето. Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Тој додаде дека покрај намалувањето на парите за субвенции, владата дополнително ги отежнува условите за пристап до субвенции, особено за малите земјоделци.
„Дополнително уште неколку трикови од страна на владата. Се зголемува прагот на земја која што треба да се обработува за да се стигне и воопшто до субвенциите. Имено од 0,2 хектари, сега е 0,5 хектари. Значи тие кои што имаат два или три декари земја, повеќе нема ни да можат според измените во правилникот да стигнат до субвенциите“, нагласи Филипче.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, од Кавадарци ги отфрли овие тврдења на опозицијата за кратење на субвенциите од 40 милиони евра како неточни.
„Изминативе денови слушаме обвинувања дека има сериозно кратење на субвенциите. Апсолутно ги отфрлам ваквите тврдења како неточни. Станува збор за лаги и манипулации со кои опозицијата се обидува да создаде тема на дневна политика“, истакна министерот.
Тој посочи дека политичката гарнитура која денес критикува, имала седум години да покаже резултати во земјоделскиот сектор, но наместо напредок, оставила сериозна штета и назадување.
Според него, новина во програмата за 2026 година е јасната распределба на средствата. „Приоритет ќе имаат вистинските земјоделци, тие што егзистираат од земјоделството. Во изминатите години беа евидентирани т.н. ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделска површина, а аплицираат за финансиска поддршка“, истакна министерот.
Во однос на условите за користење на субвенциите, Трипуновски потврди дека во новата програма е предвидена минимална површина од 0,5 хектари за да се оствари правото на финансиска поддршка.
„Независен“ објави дека голем револт кај тутунарите предизвика новата одлука на Владата субвенциите за тутунот од последната реколта да бидат скусени за прва класа од 100 на 80 денари по килограм. Ако се знаее дека најголем дел од предадениот тутун се цени во прва класа, значи загубата кај тутунарите е значителна.
Владата ја донесе програмата за директни плаќања: субвенции за тутун – 80 денари прва класа, 70 втора и 60 денари за трета класа.
Програмата и Уредбата се објавени во „Службен весник“ бр.27.
Владата ги скрати субвенциите за тутунот и предизвика гнев кај тутунарите