Опозицијата брифира: Заклучоците за францускиот предлог ќе поминат во Собрание
Собраниските служби ги подготвија предлог заклучоците за францускиот предлог кои, според очекувањата, треба лесно да поминат на пленарната собраниска седница, бидејќи со нив македонската влада ќе добие задача како да се однесува, но не и да смени нешто во преговарачката рамка за која во Брисел не постои расположение да се отвора.
Собранието, според она што го објави МКД.МК, ѝ дава задача на Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара. Наводно, веќе се обезбедени гласовите на околу 70 пратеници (СДСМ, ДУИ, Алтернатива, ДПА и АА), а се уште не се знае како би гласале пратениците на ДОМ, ДС и ЛДП, партии кои се дел од владината коалиција. Можно е расправата на пленарната седница да трае два, три дена.
Сценариото, според овој медиум, предвидува Бујар Османи, македонскиот министер за надворешни работи, веднаш по прифаќањето на заклучоците од Собранието, да замине за Софија (или Брисел) за да го потпише протоколот со Бугарија. Потоа ќе следува известувањето на Владата до ЕК дека преговарачката рамка е прифатена и до 22 јули да се одржи формалната меѓувладина конференција.
Во предлог-заклучоците што ги објавува МКД стои дека Собранието на Македонија ја усвојува Информацијата на Владата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори предложена од страна на претседателството на Франција , ја прифаќа преговарачката рамка и ја задолжува Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара, односно не се дел од преговарачкиот процес за полноправно членство на Македонија во ЕУ. Од Владата ќе се бара да постапува целосно во согласност со стратешките определби на земјата за интеграција и полноправно членство во ЕУ и да ја прифати понудената преговарачка рамка , со исклучување на билатерални историски и образовни елементи во рамката и со безусловно и целосно почитување и заштита на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ во текот на целокупниот процес на преговори со ЕУ, како државни и темелни вредности за кои никој не смее да преговара во кое било време и околности.
Преговарачкиот тим ќе се задолжи да ги води преговорите со ЕУ врз рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право и со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ.Во текот на преговорите, првенствено и целосно да се постапува врз основа на Резолуцијата усвоена во Собранието на 29 јули 2021 година, со целосно и континуирано застапување и почитување на консензуално прифатените позиции за особеноста на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската национална, културна, историска и духовна засебност.
Владата, според заклучоците, треба да го задолжи Министерството за надворешни работи да го информира тековното чешко претседателство со Советот на ЕУ за ставот на Владата и Собранието на Македонија по однос на преговарачката рамка за пристапните преговори.
Седницата во Собранието ќе биде закажана во наредните денови, а расправата ќе трае најмногу три дена. Теоретски би можело сè да биде завршено до сабота, иако во исто време во законодавниот дом трае расправата за Буџетот. Сепак, опозициски извори тврдат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, може да пронајде начин и да направи простор пленарната седница за францускиот предлог да се одржи. Потоа во текот на викендот министерот за надворешни работи, Бујар Османи, најверојатно ќе го потпише протоколот со Бугарија, за в понеделник Владата да ја извести Европската комисија дека ја прифатила рамката за преговорите. Ден подоцна, најверојатно во Брисел, ќе се одржи меѓувладината конференција.
Според овие извори не сите пратеници на СДСМ, како и барем еден од министрите, се уверени дека францускиот предлог е добар за Македонија и тоа ќе се види во расправата. Од помалите коалициски партнери на СДСМ, засега само од Демократски сојуз порачаа дека нема да го прифатат предлогот, доколку претходно не бидат прифатени нивните предлог-заклучоци.
– Ако нема поширок консензус за интегриран текст, во кој ќе бидат вметнати нашите предлог заклучоци, тогаш и ние нема да го поддржиме францускиот предлог – изјави за Плусинфо, Павле Трајанов. Тој порача дека би било штетно мнозинството без поддршка од опозицијата самото да го прифати предлогот, бидејќи тоа би можело да доведе до зголемување на тензиите во нашата земја.