Опожарен клубот на Бугарите во Битола

Македонското МНР најостро го осуди вандалскиот напад, нагласувајќи дека тој е насочен да не се подобрат односите меѓу Македонија и Бугарија


 

Рано изутринава е опожарен клубот „Ванчо Михаjлов“ во Битола, кој во април годинава беше свечено отворен од највисокиот државен и политички врв на Бугарија. Нaјверојатно е фрлена запалиива матeрија, по што се оштетни влезната врата и дел од влезниот ходник.

Георги Црномаров, еден од основачите на Клубот, за „Независен“ вели дека им било јавено оти опожарувањето се случило околу 5 часот утрово, од засега непознати сторители и, како што рече, им било кажано во интерес на истрагата да не се откриваат детали за инцидентот. 

Клубот се огласи преку својата Фејсбук страница и напиша: „Во раните утрински часови беше опожарен објектот на Културен центар ‘Иван Михајлов’ – Битола. Очекуваме институциите во најбрз можен рок целосно да го расветлат случајот и сторителите да ги извадат пред лицето на правдата“.

Македонското Министерството за надворешни работи веднаш и најостро го осуди опожарувањето на клубот. 

„Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина.

Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“, се вели во реакцијата на МНР. (А.Б.)