Опфатени уште две карбински села со автобускиот превоз на штипски „Стипион“


Се проширува возниот ред и за жителите на уште две села во Општина Карбинци. Од овој месец  можат да го користат јавниот автобуски превоз кој го организира штипското Јавно претпријатие „Стипион“.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов информира дека жителите на неговата општина имаат можност да користат јавен превоз два пати во текот на денот за време на работните денови, збогатен со две дестинации, во селата Козјак и Аргулица.

– Цените на билетите остануваат исти за граѓаните според досегашниот ценовник на ЈП „Стипион“-Штип со тоа што за лицата кои ќе се превезуваат од селата Козјак и  Аргулица ќе важат цените за село Радање ,90 денари во еден правец и 140 денари повратен билет, вели Паунов.

Посочува дека за сите дополнителни возни редови по завршувањето на зимскиот распуст на учениците, жители на Општина Карбинци  ќе бидат навремено информирани.

Општинскиот сообраќаен инспектор во Општина Штип, Оливера Блажева дополнува дека оваа одлука следи заради огромниот интерес од страна на жителите од карбинските села, бидејќи линијата првично беше предвидено да се реализира само за време на полугодието и тоа од понеделник од петок.

-Линијата е дадена табеларно и разликата е додавање на две станици дополнителни кои се однесуваат на село Аргулица и село Козјак кои не беа опфатени претходно со линијата за Радање бидејќи временските опции кои ги имавме со учениците беа потешко изводливи. Со пуштањето на оваа линија сакаме да го видиме интересот на граѓаните на жителите на овие две села и да можеме да предвидуваме дали линијата е потребна постојано, вели Блажева.

Во новата година промени има и во неколку други линии кои се движат на територија на Штип. Има дополнување на линијата до населба Пребег, нови термини за Три Чешми и укинување на ноќните линии за кои нема голем интерес.