Оперската елита со гала концерт за Василица- паричка за среќа и популарни арии  


Фото: В. Тануровски

Вечерва на Стара нова година во НОБ некому му се падна лепче со паричка, а за друг беше музички празник на вториот традиционален Василичарски концерт со највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, де Либ, Штраус – помладиот…

Фото: В. Тануровски

Оперската елита, ретко збрана во ваков состав, вечер ( а и синоќа) нè поведоа на возбудливо патување низ среќата, тагата, војните, љубовта и уште многу приказни кои познатите опери во своите либрета ги носат. 

Како солисти настапија: Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Соња Пендовска- Мадевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас). Диригираа Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.

Фото; В. Тануровски

Се изведоа 18 арии, а финалето од вториот чин од операта „Лилјакот“ од Јохан Штраус го затвори концертот во два чина, а го испејаа неколку од солистите.

Фото: В. Тануровски

Во паузите меѓу двата чина, елегантните гости го почувствуваа празничниот дух со вино, а вечерва, на концертот кој традиционално, веќе 25 години е најочекуван музички настан во метрополата, на почетокот на секоја година, на среќниот гостин со паричка во лепче му донесе гратис-билети за целата сезона на Националната опера и балет. (Л.С.)