Операторите реагираат на изјавата на Манчевски


Здружението на информатичко-комуникациски технологии испрати реакција на изјавата на министерот Дамјан Манчевски поврзана со протестот на македонските оператори во која меѓу другото вели дека со прекинот на телевизиските канали од страна на операторите е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации.

-Носечките оператори во земјава претставени преку Здружението на информатичко-комуникациски технологии, остро се спротивставуваме на овие тврдења и притоа нагласуваме дека во целост ги почитуваме сите законски прописи кои се однесуваат на нашето работење и шокирани сме од јавно упатената закана преку социјалните медиуми.

Во насока на вистинито информирање на јавноста истакнуваме дека протестот кој го спроведоа македонските оператори во текот на вчерашниот ден е реакција на безизлезноста и институционален отпор и апел за што побрза реакција од страна на надлежните, по  неуставните обврски наметнати со последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесени во нетранспарентна постапка, како последна точка од работата на Собранието на денот на неговото распуштање – 16.02.2020 година, како и Уредбата со законска сила донесена на 29.5.2020 година со која ни се наметна ретроактивна обврска за пререгистрација на сите странски ТВ содржини кои веќе се регистрирани во АВМУ и тоа во рок од 60 дена.

Овие законски одредби за нас претставуваат ситуација на виша сила кои значат реална можност од 8.8.2020 година да дојде до комплетно исклучување на сите телевизиски канали со што ќе бидат оштетени корисниците на сите оператори. Тоа влијае на правото на избор на ТВ содржини на сите македонски граѓани. Сето тоа не` принуди да преземеме акција за да ја подигнеме јавната свест кон проблемите со кои се соочуваме во моментот.

Потсетуваме дека и покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали се уште нема решение. Како резултат на оваа состојба бевме принудени да го активираме најавениот времен прекин во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ и да ја прикажеме реалноста што ќе следува од 8 август 2020 година, доколку не се најде соодветно решение за овој проблем.

Прекинот е протест против постојните акти на државата кои го спречуваат нашето нормално работење, а протестот претставува гарантирана уставна категорија и основен правен инструмент во секое демократско општество. Како оператори кои застануваат во одбрана на јавниот интерес и правата на корисниците, сметаме дека не смее да биде ограничено правото на изразување, посебно не со јавно упатена закана преку социјалните медиуми. Непријатно сме изненадени од ставот на министерот да констатира или изрекува казни или други забрани, дотолку повеќе што повреда на Законот за електронски комуникации може да констатира само овластен инспектор од Агенцијата за електронски комуникации.

Како и досега, остануваме отворени за соработка и апелираме да биде разгледано предложеното решение за измена на Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добиеме прифатливо решение што ќе превенира ескалација на потенцијалниот медиумски и информативен мрак и ќе придонесе кон донесување на регулативна рамка во согласност со европските директиви во областа на аудиовизуелните медиумски услуги. Ние понудивме и решение на проблемот, кое со малку добра волја може многу брзо да се имплементира.

Што се однесува до корисниците, како оператори и во нашата најава на протестот ги информиравме дека ќе бидат обештетени во согласност со законските обврски, стои во реакцијата на операторите.