Операција „Адмирал“: Откриена најголемата даночна измама во ЕУ, штетата е над две милијарди евра
Европското јавно обвинителство – ЕППО (European Public Prosecutor Office) во соработка со органите на прогонот во 14 земји членки на Европската унија спроведе масовна акција во која, како што велат, ја разоткри најголемата измама со ДДВ во Европа, која се базира на продажба на популарна електронска стока.
Оваа акција беше спроведена во Белгија, Кипар, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Романија, Словачка и Шпанија. „Како дел од оваа операција на ЕППО, веќе се извршени претреси во Чешка, Унгарија, Италија, Холандија, Словачка и Шведска на 12 и 13 октомври 2022 година“, соопштија тие.
„Сите собрани податоци се анализираат, а истрагата за организираните криминални групи зад оваа шема продолжува. Проценетата штета што се истражува во рамките на операцијата „Адмирал“ во моментов изнесува 2,2 милијарди евра“, се додава во соопштението.
Според извештаите, Хрватска е меѓу оштетените земји, но се уште не е познато на кој начин Хрватска била погодена од оваа измама, пренесува Индекс.
Како сето тоа започна
Европското јавно обвинителство објасни како целата операција започна.
Во април 2021 година, португалските даночни власти во Коимбра истражуваа компанија која продава мобилни телефони, таблети, слушалки и други електронски уреди, поради сомневање за измама со ДДВ. Кога ЕППО ја започна својата работа во јуни 2021 година, во согласност со својата законска обврска, португалските власти го пријавија случајот до ЕППО.
Европските обвинители, аналитичарите за финансиски измами на ЕППО и претставниците на Европол и националните органи за спроведување на законот постепено воспоставија врски меѓу осомничената компанија во Португалија и близу 9.000 други правни лица и повеќе од 600 физички лица лоцирани во различни земји. Осумнаесет месеци по добивањето на првичниот извештај, ЕППО сега ја откри она што се верува дека е најголемата измама со ДДВ истражена досега во ЕУ, велат тие.
Криминални активности се случија во 22 земји-членки-учеснички на ЕППО, како и во Унгарија, Ирска, Шведска и Полска, заедно со трети земји вклучувајќи ги Албанија, Кина, Маурициус, Србија, Сингапур, Швајцарија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.
Како функционираше шемата за измама
„Она што ја издвојува оваа измама е извонредната сложеност на синџирот компании. Од компании кои делуваат како навидум чисти добавувачи на електронски уреди до оние кои бараат поврат на ДДВ од националните даночни власти додека ги продаваат овие уреди преку Интернет на индивидуални клиенти – и последователно ги пренасочуваат приходите од таа продажба во странство, пред да исчезнат сами – на оние кои ги перат приходите од оваа криминална активност.
Овие активности не би биле можни без вклучување на неколку висококвалификувани организирани криминални групи, секоја со специфични улоги во целокупниот план. Работејќи транснационално, со речиси индустриска логика, со години избегнуваа откривање“, соопштуваат од Бирото.
Според Европското обвинителство, вака функционирала шемата за измама:
Компанијата 1 би продавала електронски производи на компанијата 2 преку граница, без обврска за плаќање данок. Компанијата 1 потоа би ја доставувала стоката во магацини, а компанијата 2 би ги продавала тие стоки преку Интернет.
Купувачите од ЕУ ја порачувале преку Интернет, плаќале данок на нивните пратки и ја добивале нарачаната стока. Компанијата 2 потоа испраќа фактури до онлајн продавниците што ја продаваат стоката и добива пари од нив, вклучително и средства за даноци. Компанијата 2 потоа ќе ги исплати парите на офшор сметки, а потоа ќе се затвори.
Ковеши: Ова е најголемата измама за ДДВ во Европа
„Без ЕППО, операција како оваа ќе требаше да се подготви со години – или, поверојатно, никогаш немаше да се случи. Операцијата „Адмирал“ е јасна демонстрација на предностите на транснационалното гонење. Кога станува збор за измама со ДДВ, од национална перспектива , штетите може да се проценат како релативно мали или непостоечки, па дури и да останат неоткриени.
На ЕППО му беа потребни помалку од 18 месеци од првичниот извештај за криминал до откривањето на целата мрежа на организирани криминални групи, одговорни за неверојатна загуба од 2,2 милијарди евра за даночните обврзници на ЕУ. Верувам дека ова е најголемата европска измама со ДДВ досега“, рече Лаура Ковеши, европска главна обвинителка, пренесува Индекс.