Опера и балет: Не е точно дека оркестарот го саботирал Раме Лахај

Од МОБ категорично ги демантираат пишувањата во весникот „Коха Диторе“ во врска со концертот на тенорот Раме Лахај, кој синоќа се одржа во МОБ.
Категорично ги демантираме дезинформациите дека оркестарот на МОБ саботирал или одбил да настапува, нагласуваат од МОБ.
– Уште посилно се спротивставуваме на дезинформациите дека причините за одлуката која ја донесе независниот фестивал наводно имаале етничка позадина. Напротив, ваквите надворешни проекти за МОБ и за оркестарот на МОБ се повеќе од добредојдени. МОБ цврсто стои на ставот дека музиката ги надминува националните граници, се подвлекува во реакцијата од МОБ.
Посочуваат дека концертот бил во целосна организација на независниот фестивал Сцена на албанската сериозна музика.
– Оркестарот на МОБ беше договорен да биде изнајмен како музичка поддршка на тенорот Раме Лахај. Поради технички причини и недостаток на време за музичко и техничко усогласување, организаторот и тенорот донесоа одлука концертот да се изведе без ангажирање на оркестарот на МОБ, се посочува во реакцијата и се додава оти публиката била соодветно информирана и концертот помина со музичка поддршка од пијанист при што се беше во најдобар ред.
Според весникот „Коха Диторе“ концертот „Раме Лахај и пријателите“ бил „спасен“ од албанскиот пијанист Генц Тукиќи, кој допатувал во Скопје откако станало јасно дека Оркестарот на Македонската опера го саботира албанскиот тенор.

Љахај е еден од истакнатите тенори на неговата генерација во светски рамки и е добитник на престижни оперски признанија.