ОПЕК очекува бавно закрепнување на побарувачката на нафта во 2021


Закрепнувањето на глобалната побарувачка на нафта во 2021 година ќе биде побавно отколку што се сметаше порано поради растот на случаи на заразени со новиот корона вирус, што ги кочи напорите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК и нејзините сојузници) да го поддржат пазарот, соопшти денеска нафтениот картел.

Побарувачката ќе се зголеми за 6,25 милиони барели на ден за следната година, на 96,26 милиони барели дневно, според ноемврискиот извештај на ОПЕК. Новата прогноза за раст на побарувачката на ОПЕК е 300.000 барели дневно пониска од проценката пред еден месец.

Во извештајот на ОПЕК се забележува дека потезите на европските влади како затворање ресторани и поттикнување на работа дома ќе ја погодат побарувачката за гориво во преостанатиот период до крајот на 2020 година, со влијанието на пандемијата врз пазарот на нафта до средината на следната година.

Цената на нафтата зајакна оваа недела и денеска достигна ниво од 45 долари за барел, највисоко за повеќе од два месеци, откако производителите на лекови „Фајзер“ и „БиоНТек“ објавија дека ефикасноста на нивните вакцини за Ковид-19 е над 90 проценти според првите резултати од тестирањето.