Опасниот отпад во скопски Орман бил донесен од Пробиштип
Опасниот отпад што неодамна беше пронајден во близина на селото Орман на територија на општина Ѓорче Петров, е донесен од Пробиштип, информираше денеска министерката за животна средина Каја Шукова.
„Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор“, рече министерката.
Таа рече дека Министерството и Државниот инспекторат за животна средина сè уште ги чекаат лабораториските анализи од отпадот и верува дека тие ќе бидат готови најдоцна до понеделник.
Околу прашањето за одговорност на лицето кое го одложило опасниот отпад, Шукова рече дека постапката се води од Градот Скопје, а не од државата.
„Не можам во моментов да ви кажам, бидејќи Градот Скопје ја води постапката. Слушнавме дека станува збор за приватен плац, а дали станува збор за лице или фирма, тоа во моментов не можам да ви кажам, бидејќи на увид не беше Државниот инспекторат, туку локалниот инспекторат“, рече Шукова.
Опасниот отпад во близина на селото Орман беше откриен пред неколку недели од страна на овластен иснпектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров. Од Државниот инспекторат за животна средина тогаш информираа дека се работи за згура од преработка на акумулаторски батерии од околу 500 до 600 тони.