Опасен затвореник и затворска чуварка исчезнаа во САД, наводно биле во врска


Затвореник и затворска чуварка од Алабама, САД кои заедно исчезнале и по кои трага полицијата од минатата недела, имале посебен однос, тврдат истражителите.

Во соопштението од канцеларијата на шерифот на Алабама се наведува дека за односот меѓу затвореникот Кејси Вајт и чуварката Вики Вајт, сведочеле другите затвореници, пишува Би-би-си. Вајт е осомничен за убиство, а му се заканува смртна казна. Бил сместен во притворскиот центар Лодердејл каде чекал судење.

Вајт и чуварката исчезнале кога таа го превезувала на проценка на неговото ментално здравје. Всушност, таа не го ни одвезла таму, а немало ни договорен термин.

Полисијата сепак, не открива дали тие биле во романтична врска.

Тој нема што да изгуби

Затворската чуварка и затвореникот исчезнаа во петокот, кога требало да биде и нејзиниот последен ден на работа. Таа ја продала куќата, а на колегите им рекла дека планира да помине повеќе време на плажа. Полицијата верува дека чуварката Вајт помогнала во организација на бегството на Кејси прекршувајќи го затворскиот протокол за сама да го одведе затвореникот до судот.

„Истражителите добиле информации од затворениците во притворскиот центар на округот Лодердејл дека постои посебен однос меѓу нив. Таа информација ни ја потврдија независни извори“, вели шерифот Рик Синглтон.

Американските власти соопштија дека избеганите последен пат се видени во петокот. Возеле „форд еџ“ со регистарски таблички од Алабама. Треба да се смета дека Кејси Вајт е многу опасен и вооружен, затоа што сега има пристап до пушка AR-15 и сачмарка.

„Тој нема што да изгуби“, додава шерифот.

Затворската чуварка била примерна работничка

Чуварката Вајт во моментот користи готовина и го исклучила мобилниот, па тајната полиција помага да се следат нејзините финансии. Крис Конели, окружен тужител во Лодердејл вели дека имал голема доверба во сега избеганата Вики Вајт.

„Таа беше најдобра вработена, наша најдобра личност. Затоа ова е шокантно“, коментира тој.

Кејси Вајт во септември 2020 година обвинет е за убиство со убод од нож на 58-годишната Кони Риџвеј.

Веќе бил во затвор за низа насилни злосторства во 2015 година меѓу кои и провала, кражба на возило и полициска потера. Наводно го признал убиството, но подоцна се изјаснил дека не е виновен и зборувал дека тоа го направил поради психичката состојба.

Жената која Вајт се обидел да ја убие во текот на провалата вели дека полудела откако дознала дека побегнал. За еден локален медиум вели дека таа и нејзиното семејство се кријат и дека се плашат дека Вајт ќе ги најде.

„Ако е уште жива, затворската чуварка треба да бега од него. Нека трча што може подалеку и нека се предаде“, порачува жената.