ООУ „Блаже Конески“ станува енергетски ефикасен објект


Со новата енергетски ефикасна фасада и со веќе поставените фотоволтаици на покривот, ООУ „Блаже Конески“ во Аеродром станува еколошки објект, кој за сопствените потреби ќе произведува струја. 

Дополнително, на местото на сегашните угостителски објекти во дворот на училиштето и во негова близина, ќе се гради градинка. 

– Денеска сме пред ООУ „Блаже Конески“ на територија на општина Аеродром, едно од најстарите основни училишта во нашата општина. За прв пат откога е изградено училиштето се инвестира во нова фасада, енергетска ефикасна фасада, вредноста на проектот е над 100.000 евра и се смета како една значајна инвестиција во училиштето. Би дополнил и неколку други работи. На кровот на училиштето веќе се поставени фотоволтации, што значи и тука внимаваме на енергетската ефикасност каде што училиштето за свои потреби ќе произведува електрична енергија – рееч градоначалникот Тимчо Муцунски.

Во моментот се врши проектирање за доградба на основното училиште. Ова е едно од тие основни училишта на територија на Општина Аеродром, каде поради бројноста на учениците наставата се изведува во втора и во трета смена, па Муцунски најави дека  веднаш по проектирањето ќе почнат со проширување на  капацитетот на училиштето.

– На оваа локација исто тука во близина можете да видите дека има угостителски објекти, што за мене како градоначалник е недозволиво, во дворот на основно училиште да има угостителски објекти. Проблем кој што го има во оваа општина повеќе од десетина години. Успеавме да се договориме со лицето кое што го има под закуп, потпишуваме спогодба, многу скоро веќе нема да има угостителски објект во дворот на основното училиште и во моментот се врши промена на деталниот урбанистички план, за да на локацијата каде што сега имаме угостителски објект кој што наскоро веќе нема да биде тука, да се изгради нова детска градинка – рече Муцунски.