ООУ „Александар Македонски“ од 1 септември организира настава во една смена


Од 1 септември, ООУ „Александар Македонски“ во Реонски центар целосно преминува во едносменска настава! Со потребната адаптација на училишниот објект создадени се услови сите ученици да ја следат наставата во една смена. Градежните зафати се реализираат со поддршка од Министерството за образование и наука, додека комплетното уредување на училниците е финансирано од Општина Аеродром.

Денеска, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, извршија обиколка на ООУ „Александар Македонски“ и увид во подготовките за почетокот на новата учебна година. Со заеднички ангажман се создадени услови оваа значајна промена да стане реалност за учениците.

Како што рече министерката Јаневска, за адаптација на новите училници, потрошени се 2,2 милиони денари или речиси 36.000 евра. 

„Две години се заложуваме за воведување на едносменска настава во сите општини и училишта кадешто тоа е возможно. Придобивките се повеќекратни – децата ја започнуваат наставата наутро, кога се повеќе концентрирани за учење. Се задржуваат подолго на училиште и треба да се задржуваат, бидејќи имаа 900 часа помалку од нивните врсници до 15 годишна возраст. Повеќе се социјализираат што е важно особено за мултиетничките средини и училишта и се заштедуваат средства при работењето на училишните објекти“, рече министерката Јаневска, додавајќи дека досега концептот го прифатиле над 200 училишта.

Посочи дека Владата дава поддршка на општините овој процес да се забрза, преку проширување на капацитетите на постојните училишни објекти.

„Во моментов инвестираме во доградба на училници во 6 училишта, а едно од нив е токму ова. Во меѓувреме се изработуваат, а дел се и изработени, вкупно 15 проекти за доградување училници во други училишта и активностите на терен етапно започнуваат отприлика од ноември месец годинава, а сите треба да бидат започнати до пролетта следната година“, нагласи министерката.

Едносменската настава носи подобра организација на наставниот процес, повеќе време за учениците, наставниците и семејствата, но и поголеми можности училиштето да биде простор за дополнителни активности, спорт, култура и развој на вештините на децата. Пред сè, тоа значи поквалитетни услови за учење, развој и безгрижно детство.

Од 1 септември, ООУ „Димитар Македонски“ воведува едносменска настава и за учениците од 6 до 9 одделение, со што Општина Аеродром продолжува да го унапредува образовниот процес и да создава подобри услови во училиштата на својата територија.

Воведувањето едносменска настава во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар ќе претставува значајна придобивка за 710 ученици, информираше директорката на училиштето Маја Буклеска.

Градоначалникот на Аеродром, Митески информираше дека сите училишта во општината интензивно се подготвуваат за стартот на новата учебна година.

Пристигнати се учебниците за сите ученици и ќе им бидат распределени на првиот училишен ден, а четвртоодделенците ќе добијат и таблет уреди кои веќе неколку години наназад се обезбедуваат од страна на локалната самоуправа и општинскиот буџет.