Онлајн сервисна служба нуди бесплатна поддршка во образовниот процес за деца со попреченост 


Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со цел да овозможи континуитет во својата работа со децата со попреченост, во партнерство со УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика ја креираше платформата Онлајн сервисна служба, која нуди високо-квалитетна и индивидуализирана едукација за деца со попреченост.

Преку платформата, како што соопшти Здружението „Отворете ги прозорците“, се испорачуваат четири вида услуги за деца со попреченост: индивидуализирана поддршка за користење компјутер и интернет, рана стимулација на развојот, логопедски услуги и советодавно-консултативна поддршка за родители/старатели. Услугите се базираат на пристапот во чиј фокус е самиот корисник (person-centered approach) и се во насока на подобрување на личниот развој на децата.

Кренар Ќоку, одговорно лице за односи со јавност во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ појаснува дека платформата Онлајн Сервисна Служба нуди поддршка за деца со попреченост.

Нашите специјални едукатори и логопеди, за секое дете кое ги исполнува критериумите за поддршка, дизајнираат индивидуализирани планови за онлајн часови по кои понатаму заедно во соработка со родителите/старателите на детето работат на подобрување на некои животни вештини кај детето, му помагаат при учењето, го подобруваат говорот кај детето и слично. За да овозможиме квалитетна поддршка тимот одвојува време да ги идентификува потребите на секое дете посебно. Во периодот кој претстои ќе се стремиме да осигураме дека сите наши досегашни и нови корисници ќе ја добијат потребната грижа и поддршка, изјави Ќоку.

Регистрацијата може да се изврши преку пополнување на барање на платформата на следниот линк https://otw.assistive.mk/baranjeMK/ или преку јавување на телефонските броеви во продолжение: 072275211за македонски јазик и 071989822 за албански јазик.