Онлајн-промоција на реобјавениот роман „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев со корица изработена од неговата внука Искра Димитрова


Вечерва во 19 часот ќе се одржи онлајн промоција на романот „Пустина“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев, кој неодамна беше реобјавен во ново руво со специјално дизајнирана корица, во издание на „Арс Ламина – публикации“. Корицата ја изработи уметницата Искра Димитрова, која е внука на Абаџиев.

За класичното дело на Абаџиев ќе зборува професорката Злата Порчиќ. Промоцијата ќе може да се проследи преку фејсбук страницата на „Арс Ламина“.

Романот „Пустина“, првично издаден во 1961 година, неодамна беше реобјавен во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“. Дејството на овој историско-психолошки роман се случува во 1903 година и е раскажано преку заробеништвото на солунските атентатори Арсо и Глигор.

Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Од најмала возраст живее како емигрант во Грција и во Бугарија. Во 1948 година се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите и најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 година, тој е член на Друштвото на писателите. Престојува во Скопје до крајот на својот живот. Неговото творештво главно е содржано од раскази и романи со историска предлошка. Ги објавува следниве дела: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Пустина“, „Арс Ламина“ реиздаде уште едно познато дело од Ѓорѓи Абаџиев, „Арамиско гнездо“. Романот ќе биде претставен со онлајн-промоција на 13 јули (вторник), со почеток во 19 часот. На промотивниот настан, кој ќе го води Ведран Диздаревиќ, кон делото ќе се осврне Марија Георгиева Димова, професорка по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Онлајн-разговорот ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“.