Онлајн-промоција на „Пандемија“ на Славој Жижек


„Пандемија“ е новата книга на словенечкиот философ Славој Жижек која вечер од 19 часот ќе биде онлајн-промовирана на фејсбук-страната на „Литература.мк“.

Поднасловот на книгата е „Ковид-19 го тресе светот“, а делото преведено на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

На промоцијата, како што соопштија организаторите, ќе може да се погледне разговорот меѓу авторот и уредникот на изданието Филип Видиновски, каде ќе може да се слушнат ставовите на Жижек а тоа како ситуацијата низ која минуваме ќе го смени светот и глобалната економија.

Според уредникот во издавачката куќа „Арс Ламина“, Филип Видиновски, оваа книга, иако кратка, нуди зачудувачки јасна перспектива за новата светска ситуација, што инаку е тешко видлива поради медиумскиот шум.

‒ Делата на Жижек се протегаат од Хегел до Бетмен преку анализи на актуелните светски состојби па сè до комплетно сериозни осврти во разликите на дизајнот на веце-школките во европските земји. Напишал безброј колумни за најтиражните светски списанија, редовно се појавува на најпознатите светски телевизии, а неговите јавни предавања ширум светот речиси без исклучок предизвикуваат огромен интерес. Жижек напиша нова книга „Пандемија – Ковид-19 го тресе светот“, а ние во издавачката куќа „Арс Ламина“ ја издаваме на македонски јазик, објаснува Видиновски.

Жижек е роден во 1949 година и во доменот на неговиот интерес се философијата, психоанализата, културологијата, филмската критика и политичката теорија. Во 1989 година ја пишува првата книга на англиски јазик која го става на светската писателска мапа и оттогаш има издадено десетици дела и есеи.