„Онкологија“: Вештото лице одговараше за критериумите за онколошки третман, Судот го одби барањето на Васев за изземање на Ристески
Со вкрстено испитување на вешто лице од страна на Обвинителството за критериумите врз кои се оценувани квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој обвинети се поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски.
На прашања на Обвинителството, д-р Владимир Даниловски одговараше за тоа кои клинички параметри биле применети при изготвувањето на наодот и мислењето за конкретните пациенти, како и дали било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа.
На прашање дали во основниот и во дополнителниот наод и мислење било земено предвид дејството на хемотерапијата врз здравите клетки и последиците од тоа, вештото лице одговори потврдно.
Во продолжение, Обвинителството побара вештото лице да ги посочи клиничките параметри врз кои се темели проценката на квалитетот и ефикасноста на онколошкиот третман, по што вештото лице ги наведе вкупното преживување, преживувањето без прогресија, стапката на туморски одговор, контролата на болеста, безбедносниот профил на терапијата и квалитетот на животот на пациентот.
На прашањето кои од овие параметри биле применети при давањето на мислењето за конкретните пациенти, вештото лице остана на наодите наведени во вештачењето.
Одбраната приговори на дел од прашањата, со образложение дека кај поединечните пациенти вештото лице не вршело споредба меѓу различни третмани во однос на тоа дали биле подобри или полоши. Судот не ги прифати приговорите, посочувајќи дека прашањата се поврзани со дадените наоди и мислења за конкретните пациенти и конкретното лекување.
Судот претходно прифати приговор на бранителот на првообвинетиот, адвокат Дељо Кадиев, во однос на долго и нејасно поставено прашање. Судијката Снежана Марковска укажа дека вкрстеното испитување треба да се одвива постепено, со поставување конкретни прашања и барање конкретни одговори од вештото лице, особено во насока на проверка на неговиот исказ и стручност.
– Судот констатира дека начинот на кој е поставено прашањето излегува од рамките на поединечно дадени одговори на конкретни прашања при директно испитување и во таа насока судот посочува вкрстеното испитување во смисла на дискредитација на исказот на вештото лице, како и неговата стручност, да се одвива постапно со побарување на конкретен одговор или изјава која ја има дадено вештото лице – образложи Марковска.
Во текот на рочиштето, одбраната го отвори и прашањето за документацијата што била доставена до вештите лица во Словенија за потребите на вештачењето. Бранителот Дељо Кадиев побара Обвинителството да се произнесе дали постојат преводи на документацијата од македонски на словенечки јазик, како и дали на словенечките вештаци им биле доставени целосните истории на болеста или делумен, односно селектиран материјал.
– На 2 септември 2026 година до овој суд поднесов поднесок со којшто барам судот да го задолжи јавниот обвинител да достави одредени докази, односно преводите од македонски на словенечки јазик. Јавниот обвинител веќе две рочишта рече дека му е потребно повеќе време и се произнесе дека до наредните рочишта тоа ќе го стори. Но денеска сѐ уште не е доставено. Јас на судот му доставив и доказ дека на 1-ви јули 2026 година и директно се имам обратено до Јавното обвинителство. Дали се сите или комплетниот материјал од историите на болест е предаден заради вештачење на вештите лица од Словенија или пак е предаден делумно, делумен или селектиран материјал? Ова затоа што по извршениот увид е констатирано од страна на одбраната дека многу мал дел од историите на болест и за помали временски периоди е вештачен – истакна Кадиев.
Судијката Марковска појасни дека постапката за меѓународна правна помош во кривична материја со Република Словенија се одвива преку Министерството за правда, при што, согласно ратификуваниот меѓудржавен договор, писмената се доставуваат на јазикот на државата молител.
Јавната обвинителка Марија Ѓорѓева нагласи дека целокупната медицинска документација што е приложена во судскиот предмет била испратена на вештачење.
– Сите истории на болеста со сите списи што се внатре, коишто се доставени како доказ во судот и коишто се прилог на обвинителниот акт, се доставени до вештото лице во Словенија. Значи историите на болеста со сите списи коишто се содржани во нив се доставени до вештото лице, се предадени на вештачење и сите тие се доставени во судот како доказ – нагласи обвинителката.
На почетокот на рочиштето, судот го одби барањето на првообвинетиот Никола Васев за изземање на техничкиот советник на Обвинителството, д-р Милан Ристески.
Судијката Марковска образложи дека судот претходно го прифатил неговото учество како технички советник на Обвинителството, тој бил испитан во однос на сите пациенти опфатени со обвинението, а како доказ биле изведени и техничките извештаи што ги изготвил.
– Се одбива барањето за изземање на техничкиот советник на обвинителството, д-р Милан Ристески, од причина што во однос на причините и основите наведени во поднесокот, а како судот со претходно решение еднаш веќе го прифати учеството на ова вешто лице како технички советник на обвинителството, истото во целост го испита во однос на сите пациенти на обвинението, а воедно ги изведе и како доказ техничките извештаи кои ова вешто лице ги има изготвено, имајќи ги предвид одредбите од член 238 став 1 од Законот за кривичната постапка во однос на делот од исказот на вештото лице, како и делот изменетите извештаи кои се однесуваат на поименично наведените пациенти за кои одбраната тврди дека биле лекувани од овој доктор, судот истото ќе го цени при донесување на одлуката за главната работа, односно при мериторното одлучување, откако претходно ќе ги испита наводите на одбраната од кои причини и присуството на овој технички советник на обвинителството и давањето на стручна помош на јавниот обвинител во оваа фаза од постапката, а од сите наведени причини судот ги дозволува – соопшти судијката Марковска.
Против решението, како што додаде, не е дозволена посебна жалба.
Во предметот обвинети се Никола Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни. Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.