Оние што земаа кинески кредити сега се на мака


Запре и изградбата на железничката линија меѓу Лаос и Кина, која е дел од иницијатвата „Појас и пат“ (Фото: АФП)

Пекинг може или да ја преземе контролата на имоти на државите или да им го прости долгот за да ја зајакне својата мека моќ во времето на пандемијата

 

Бидејќи пандемијата на корона вирусoт предизвикува глобално економско уништување, Кина би можела да ја преземе контролата врз имотот на нации погодени од забрзувањето на заразата или може да ја засили својата мека дипломатија со прошка на долгови.

Изборот го поставија авторите на извештајот на Харвард за кинеската тактика наречена „дипломатија на долгови“ и доаѓа во услови на повици членките на Г-20 да одобрат едногодишен мораториум на долговите за најсиромашните земји.

Кинеските компании и банки во државна сопственост станаа големи меѓународни позајмувачи, вклучително и преку големи инвестиции во инфраструктурата во инцијатива „Појас и пат“ на Ши Џинпинг.

Аналитичарите предупредуваа на своевиден заговор на „дипломатијата за долгови“, каде земјите во развој не се во состојба да ги издржуваат тешките отплати на заемите на кинеските инвестиции во инфраструктура, принудувајќи ги да се откажат од контролата на имотот во корист на Кина.

Извештајот за 2018 година од Школата за политичка анализа на Харвард за Стејт департментот ги идентификуваше земјите како Пакистан и Шри Ланка меѓу оние чии влади веќе отстапија клучно пристаниште или воена база.

Сега, додека земјите се соочуваат со неочекувана економска штета од пандемијата, авторите велат дека може да се забрзаат последиците.

„Мислам дека тоа е во рани фази“, рече коавторот на извештајот, Сем Паркер, минатата недела. „Но, каква и да е тежината на долгот кон Кина, таа ќе се зголеми. Без оглед што Кина објавува дека ја запрела заразата, мислам дека временската рамка би можела остро да се забрза“.

Во рамките на глобалниот одговор на пандемичниот корона вирус, се забележува зголемен фокус на стратегиите на влијание на Кина, особено нејзиниот потег кон мека дипломатија. Како што Кина известува за успех во надминувањето на заразата, таа почна да им нуди помош на другите нации што сега се борат со вирусот.

Коавторот Габриел Чефиц изјави дека земјата останала со два избори.

„Долгот е многу флексибилен инструмент. Како што гледаме, Кина прави голем притисок за мека моќ и сега Кина има можности да бара исплата на долгот, можеби со стратешки средства за возврат или да го прости тој долг што е поддршка на наративот за мека моќ како глобален лидер“.

Кинеските власти посочија дека тие можат да бидат отворени за олеснување на долговите.

Во вторникот, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, рече: „Кина никогаш нема да ги форсира земјите кои се соочуваат со тешкотии со долговите, туку тоа ќе го реши со консултации преку билатерални канали“.

Изјавата на Жао беше проследена од неименуван службеник, кој изјави за Ројтерс дека Кина се согласила дека „некои земји не треба да бидат присилени да вршат плаќања за време на кризата“.

„Земјите во развој, особено земјите со ниски приходи, се соочуваат со поголеми предизвици. Ние сме подготвени да одржуваме комуникација со релевантните земји преку билатерални канали“, рече официјалниот претставник.

ММФ и Светска банка ги повикаа владите на Г20 на 25 март да го одобрат повикот за мораториум на долг за најсиромашните земји во светот за да се борат со пандемијата на корона вирусот. Тоа е поддржано од повеќе од 140 најголеми невладини и добротворни организации.

„Во овој момент е императив да се обезбеди глобално чувство на олеснување за земјите во развој, како и силен сигнал за финансиските пазари“, велат од ММФ и Светска банка.  (Гардијан)