Оние незабележливи пластични ќеси
ЗДРАВКО САВЕСКИ
Одите во аптека. Земате некој лек. Ви го даваат. И заедно со него, ви даваат мало пластично ќесе. Откако ќе го земете, набргу сфаќате дека немате никаква корист од тоа ќесе. Или ќе го фрлите на улица или ќе го фрлите во некоја улична корпа за отпадоци, ако имате малку повисока „еколошка“ свест. А ако не се „ослободите“ од него по пат, дома сигурно ќе го фрлите в канта. Едноставно, нема корист од него. И зошто сте го зеле ќесето? Обично, зашто ви го дале. Или зашто е бесплатно. А штом е бесплатно, зошто да не го земете?
Во Македонија многу малку сфаќаме колку е сериозен проблемот со пластичниот отпад. Тоа е едноставно една од последните работи за кои се интересираме. И како да не биде така? Се бориме да врземе крај со крај во месецот, лични проблеми секогаш се појавуваат, власта (и оваа како и претходната) постојано прави злоупотреби и во таква ситуација вие да мислите на онаа пластичната ќеса што ви ја дале кога купувате некој производ?
Но, проблемот е што се соочуваме со климатски промени, кои веќе станаа климатска криза. И кои многу брзо, не по 100 години, туку за време на нашите животи и за време на животите на нашите деца и внуци може да станат климатска катастрофа. Фактички, тоа и ќе се случи, освен ако не се преземат итни и драстични промени. Оттука, имањето „еколошка свест“ веќе не е луксуз, кој е убаво да се има, но не е ништо страшно и воопшто да се нема. Бидејќи климатската криза од сериозен стана алармантен проблем, борбата против причините за климатските промени стана еден од приоритетите со кои се соочува нашата генерација. Нашата генерација ќе остане запаметена или како онаа што го спречила пропаѓањето на човештвото во амбисот, или како последната што живеела во нормални услови.
Да се вратиме на пластичните ќеси. Проблемот со нив е сериозен, но ниту приближно онолку колку климатската криза. Но, го нагласувам како еден од начините за покренување на граѓаните од летаргијата што ги опфати, од чувството на беспомошност и од изземањето од личната одговорност. Сето тоа е резултат на политичките случувања во нашата земја. И создава (разбирлива) реакција кај луѓето да ги остават политичарите да прават што сакаат, а тие едноставно да си го тераат животот. Каков што е – таков. Но, за жал, се соочуваме со проблеми со кои ниту една претходна генерација не се соочувала и оттука, го немаме луксузот да ги оставиме работите да течат без ние да преземеме нешто.
Пластичните ќеси се втор најзастапен отпад во животната средина по догорчињата од цигари. Во некои земји тие претставуваат дури десет проценти од отпадот што се наоѓа во депониите. Секоја година, околу 1 до 5 трилиони пластични ќеси се употребуваат и се фрлаат ширум светот. Голем дел од нив го наоѓаат својот пат до океаните и се проценува дека вкупниот пластичен отпад што влегува во океаните изнесува од 1,1 до 8,8 милиони метрички тони пластичен отпад годишно. Веќе толку се има натрупано пластика во океаните што според некои проценки до 2050 година ќе има повеќе пластика отколку риби!
И се разбира, таа пластика не постои само тукутака во водите. А штетата што ние ја имаме од тоа не се сведува на евентуално нарушување на естетиката. Пластиката ја јадат рибите, а потоа ние ги јадeме тие риби. А таа микропластика во нашите организми – не придонесува кон нашето здравје. Напротив.
За пластичните ќеси обично се кажува дека за нивно производство се потребни 5 секунди, за користење 5 минути, а за нивно разградување и над 500 години. Онаа пластична ќеса што без многу размислување ја земаме во продавница и откако ќе ги донесеме производите дома, ја фрламе во ѓубрето, не исчезнува магично. Ние трпиме последици од тој наш небрежен акт, последици што, повторно, се далеку од само естетски.
Дефинитивно може и мора да се намали овој проблем, а потоа и целосно да се отстрани! И во тоа нашата улога како потрошувачи и граѓани не е за занемарување!
Според некои проценки, во Македонија се употребуваат околу 500 милиони пластични ќеси годишно. Под претпоставка дека во Македонија живеат 2 милиони луѓе, тоа значи дека секој од нас годишно користи по 250 ќеси. Овој просек од помалку од една ќеса дневно по жител – не личи дека е реален. Но, дури и да е реален – е превисок.
Пред десет години, во 2009 година, власта направи исчекор во борбата против отпадот од пластични ќеси. Ги забрани пластичните ќеси со носивост под 5 килограми, а за тие со носивост над 5 килограми пропиша да ги плаќа купувачот. Тоа беше добро за почеток, но веднаш, наместо напред, тргна назад. Само по пет месеци, таа ја промени оваа одлука и дозволи, „исклучиво за размерување и пакување на храна“, да може да се продаваат и пластични ќеси со носивост помала од 5 килограми. Во 2013 година беше пропишано пластичните ќеси да мора да бидат биоразградливи, но повторно, тој услов не важи за пластичните ќеси кои се употребуваат „за размерување и пакување на храна“. А во реалноста, не само за храна, за што било, продолжи масовното користење на пластичните ќеси кои не се биоразградливи. А државата дури и скромните прописи не ги спроведува.
Во ваква ситуација, со огромен проблем креиран од немарност и со луѓе на власт кои ништо не преземаат ако не бидат притиснати, едноставно не смееме да си го дозволиме луксузот да тераме по старо. Потребно е да го промениме нашето однесување и да ја притиснеме власта да преземе конкретни чекори. Во однос на нашето однесување, првото што треба да го направиме е да станеме свесни за проблемот. Пластичната ќеса која од немарност ја земаме, а потоа ја фрламе – создава проблеми, од кои потоа ние самите трпиме последици. Ако не мора да земете пластична ќеса, не земајте ја. Ако ви е потребна ќеса за производите што ги купувате, набавете платнена торба. Една платнена торба може да ја користите со месеци и години и таа може да доведе вие да го намалите бројот на пластични ќеси што сте ги искористиле за неколку стотици. Не е тоа така малку.
Но, тоа е далеку од доволно. Треба да се притисне власта да ги преземе особено овие две работи. Прво, да ја забрани употребата на пластичните ќеси. Доста беше со досегашните козметички квазимерки. Имало забрана, а фактички нема. Второ, Министерството за животна средина, но и општините, на граѓаните бесплатно да им делат платнени торби за пазарење. Тоа нема да биде никакво позначајно оптоварување на буџетот, а ќе придонесе значително за намалување на отпадот од пластичните ќеси.
И на крајот, борбата за намалување на отпадот од пластичните ќеси е само дел од борбата за намалување на севкупниот пластичен отпад. А борбата за намалување на пластичниот отпад е дел од ургентната борба силите што се интересираат само за профит да бидат спречени да го втурнат целото човештво во амбис. Ова не е време кога го имаме луксузот да бидеме летаргични и да бегаме од личната одговорност. Време е да ја промениме состојбата во која ние сме беспомошни и во која ништо од нас не зависи. Многу работи зависат од нас! Само треба, конечно, да станеме свесни дека е така. Ако наместо со пластични ќеси пазарувате со платнени торби, ќе дадете мал, но не и занемарлив придонес во борбата против пластичниот отпад. Но, уште поважно, ќе ја отфрлите летаргичноста, ќе сфатите дека може да бидете и вие самите носители на промената и дека, следно, може да бидете дел од уште поважни процеси на промена.
(Авторот е аналитичар)