Она што за аналитичарите е глупост, за Талат Џафери е уставна криза


Расправата дали е конституирано Собранието или не веќе станува пародична бидејќи никој не ја „купува“

 

Она што аналитичарите го нарекоа глупост, за Талат Џафери е прекршување на Уставот и вовед во институционална криза. Така вчера за ТВ 21 спикерот на парламентот со истечен мандат ја оцени актуелната расправа – тече или не рокот за давање на мандат за нова влада, бидејќи конститутивната седница на Собранието не резултираше и со избор на спикерот. Тоа што не му пречеше на минатите избори, кога тој беше кандидат за таа функција, и кога шест месеци се правеше влада а немаше прв човек на парламентот, сега за Џафери е кршење на Уставот бидејќи шефот на државата нема каде, односно нема кому, според него, да го прати известувањето дека го дава мандатот.

„Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците.

Да претпоставиме дека на 14 (август) политичките партии ќе излезат со изјава дека имаат мнозинство и дека тој ден Пендаровски ќе го додели мандатот. Кого ќе извести претседателот дека го доделил мандатот, согласно Членот 110 од Деловникот на Собранието? Претседателот на Собранието кој не постои?!“- истакна Талат Џафери.

Од кабинетот пак порачаа дека има адреса на која ќе се испрати известувањето и дека таа е истата како и претходните години – т.е. Собранието.

„Согласно уставните норми и воспоставените практики претседателот ќе го испрати известувањето за доделување на мандатот за влада на Собранието“, порачаа од кабинетот на Стево Пендаровски. Според нив крајниот рок за тоа е петок навечер.

Расправата дали е конституирано Собранието или не веќе станува пародична бидејќи никој не ја „купува“. Најпрво, бидејќи исти луѓе за исти ситуации имаат различни ставови во зависност од тоа што одговара во моментот на нивната политичка партија, а потоа бидејќи во секоја нормална демократија би се запрашале – имаат ли овие попаметна работа од тоа да го проблематизираат и одолговлекуваат секој процес со наоѓање дупки во процедурите, место да се потрудат државата што побргу да добие ефикасна влада? На поранешен прв човек на парламентот, што е втора највисока функција, не му доликува да учествува во ваква игра на штета на државата, бидејќи на крајот на краиштата јасно е дека зад ова стои интересот на ДУИ, на која ѝ треба повеќе време да уценува, иако ваквите опструкции излегуваат од легитимните методи за тоа.

Аналитичарите, пак, деновиве ваквата дилема – тече ли рокот или не, ја опишуваа со зборовите апсурд, глупост, процедура веќе утврдена во практика, изговор за одолговлекувања и слично.

„Мислам дека ДУИ сака да прати порака ‘додека не се договориме за сѐ, не сме договорени за ништо’. Според мене, не би било ни преседан кога претседателот на државата би го доделил мандатот без писмо од Џафери. Иванов така го додели мандатот минатиот пат, кога од телевизија виде дека е конституирано Собранието. Така што, сме имале преседан во кој е доделен мандатот без да се чека писмото“, оцени деновите Предраг Арсовски.

Според него, нема дилема дека Собранието е конституирано.

„Како да не е конституирано? Пратениците се собраа и ги верификуваа мандатите. Не е избрана Комисија за избори и именувања, но пратениците се највисок законодавен дом, тие се сретнале и констатирале дека мандатите се валидни и дека Собранието е конституирано“, вели Арсовски.

И Александар Кржаловски ваквите дилеми ги оцени како апсурдни.

„Не е завршена седницата, но Собранието е конституирано и роковите за давање мандат за формирање влада си течат. Дури и ако ја земеме како пример 2016 година, кога Никола Груевски се обидуваше да формира влада, мандатот за тоа си течеше, а претседател на Собранието не беше избран до април. Мандатот прво го  доби Груевски, па го врати, па го доби Зоран Заев, а Талат Џафери стана спикер дури во април, така што овие оспорувања немаат врска“, објасни Кржаловски. Со ваквите негирања Џафери единствено што постигнува е што ја омаловажува улогата на пратениците. (С.Ј.)