ОН: Во Женева утре продолжуваат разговорите за извоз на жито по црноморската маршрута


 

Високи претставници на Обединетите нации утре во Женева ќе се сретнат со висока руска делегација за да разговараат за продолжувањето на договорот со Украина за извоз на жито по црноморската маршрута и напорите за олеснување на испораката на руски жита и ѓубрива на светските пазари, соопштија од ОН.

Британските медиуми наведуваат дека Договорот, што дозволува извоз на храна и ѓубрива од неколку украински пристаништа на Црното Море, а беше постигнат на 22 јули со посредство на ОН и Турција, истекува на 19 ноември,  доколку Русија или Украина се спротивстават на неговото продолжување.

Клучен дел од овој договор е извозот на руско жито и ѓубрива.

Обединетите нации соопштија дека рускиот извоз на жито е зголемен, но дека е потребна работа за да се ублажат застрашувачките ефекти од западните санкции врз извозот на руски ѓубрива.

Претставниците на ОН, Мартин Грифитс, како шеф на преговорите за украинскиот извоз, и Ребека Гринспен, која ги води разговорите за рускиот извоз на храна и ѓубрива, утре ќе се сретнат со рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Вершинин, изјави претставник на ОН и изрази надеж дека разговорите ќе овозможат продолжување на извозот на храна и ѓубрива со потекло од Руската Федерација на светските пазари.

Откако ја обвини Украина дека го користи договорот за користење на рутата на Црното Море за извоз на жито за да ги таргетира руските бродови на Крим, Русија минатата недела го суспендираше своето учество во Договорот на неколку дена, а Украина ниту потврди ниту негираше дека стои зад гореспоменатите напади, наведуваат британските медиуми.

Иако Русија оттогаш ја обнови соработката, претседателот Владимир Путин предупреди дека Москва го задржува правото повторно да се повлече од договорот.

Обединетите нации соопштија дека според овој договор од Украина се извезени повеќе од 10 милиони тони жито и друга храна.