ОН: Во Појасот Газа за три дена убиени 109 Палестинци, а 296 се ранети


Најмалку 109 Палестинци загинаа, а 296 се ранети во израелските напади врз Појасот Газа од понеделник до среда попладне, вклучително и жени и деца кои беа убиени во нападите врз станбени куќи во Рафа, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за Координација на хуманитарни прашања (UNOCHA), врз основа на информациите што ги доби од Министерството за здравство во Газа, контролирано од Хамас.

UNOCHA соопшти дека 32 лица биле убиени во шест израелски напади врз Рафа, меѓу кои 11 деца и осум жени.

Девет лица, меѓу кои четири деца и две жени, загинаа во израелски напад врз бегалски камп југоисточно од Рафа.

Девет лица загинаа во нападот во Источен Рафа, меѓу кои четири деца и три жени.

Две деца и две жени загинаа кога беше погодена нивната куќа во Источен Рафа.

Пет лица, меѓу кои една жена и едно дете, загинаа во израелски напад врз куќа во западниот дел на Рафа.

Други пет лица се убиени во два одвоени напади на истокот и западот на Рафа, наведува UNOCHA, пренесе Ал Џезира.