ОН со 45 милиони долари го спасуваат здравствениот систем на Авганистан


 Раководителот на организацијата на ОН за укажување хуманитарна помош денеска соопшти дека издвоил 45 милиони долари итни средства за да спречи колапс на проблематичниот здравствен систем во Авганистан.

Мартин Грифитс, заменик-генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања и координатор за итна помош, предупреди дека „во Авганистан се потрошени лековите, медицинскиот материјал и горивото“.

– Ладните синџири (за снабдување со лекови под одредени услови) се компромитирани. Основните здравствени работници не примаат плати, рече тој.

Здравствениот систем во Авганистан пропадна откако талибанците дојдоа на власт минатиот месец, попречувајќи ја испораката на помош и оставајќи многу здравствени установи без персонал.

Во обид да спречи катастрофа, Грифитс рече дека ослободува средства од Централниот фонд за итни случаи на ОН за зајакнување на поддршката за спасување животи во Авганистан.

– Да се дозволи колапс на здравствениот систем во Авганистан би било катастрофално. На луѓето низ целата земја ќе им биде спречен пристапот до примарна здравствена заштита, како што се итен царски рез и траумална нега, рече тој.

Според него, средствата ќе одат за здравствените и детските агенции на ОН, што ќе им овозможи, со помош на партнерските невладини организации, да одржуваат болници, центри за Ковид-19 и други здравствени установи да работат до крајот на годината.

– ОН се решени да застанат со народот на Авганистан во време на потреба, рече Грифитс.